Култот кон победата и подвигот, култот кон државата и нејзината армија – тоа е главниот дел од новата “религија” на Русија. Нејзината цел е да се сплоти населението околу власта. А клучната улога паѓа на претседателот Путин-коментира DW.

Во услови на конфронтација со Западот руските власти бараат нови идеолошки алатки за сплотување на општеството. Пред лицето на надворешната закана своевремено Сталин се сврте кон државната пропаганда на патриотизмот. Сега и Путин зборува за патриотизмот како за нова национална идеја, бидејќи руската православна црква, која е главен идеолошки партнер на државата, нема доволно влијание во општеството.
Многу Руси, кои се нарекуваат себеси православни христијани, всушност се атеисти. Тие не учествуваат активно во црковниот живот и многу ретко посетуваат богослужби. Надежите за зајакнување на влијанието на црквата со доаѓањето на новиот патријарх Кирил така и не се потврдени: денес едвај 4% од испитаниците го опишуваат како “општествен деец, во кого имаат најголема доверба”.
“Мрази го непријателот!”
Затоа и властите создадоа квазирелигиозен хибрид меѓу официјалното православие и новите граѓански и патриотски култови. На прво место е култот кон победата, кој вклучува во себе и почитување на поранешните предци. Следат култот кон враќањето на Крим, кон националниот лидер кој го извршил овој “подвиг”, кон руската држава, кон нејзината “непобедлива” армија итн итн.
Исламот е дел од Германија и тоа ја прави привлечна
Комунистите сакаа да му ја наметнат на целото човештво својата “вера”. Новата граѓанска религија, формирана при Путин, е национално ограничена. Таа не предвидува можноста за трансформирање на непријателствата кон странски “јарци” во правоверни “овци”. Во рамките на актуелната светска ситуација евентуална конфронтација со “непријателите” може да заврши само со фатален пораз на една од двете страни, како што се случи во 1945 година.
Сето ова, се разбира, е далеку од христијанскиот принцип “сакај го непријателот”. Новата руска граѓанска религија испраќа друго послание: “мрази го непријателот, победи го и потоа ќе се гордееме со победата!”
Можеме да повториме?
Целта на новата “религија” е да сплоти населението околу власта. При тоа не само граѓаните на Русија, туку и рускојазичната дијаспора ширум светот, поврзана генетски со меморијата за војната. Новите обреди од родот на поворката на “Бесмртниот полк” помагаат на учесниците во нив да се идентификуваат со своите предци. Тие ги тераат и да се почувствуваат обединети во борбата со сегашните “противници” на Русија. Но, додека за време на нацистичката агресија над граѓаните на Советскиот Сојуз всушност надвиснува голема закана, сега “непријателот” е во лицето на Американци, Европејци, Турци итн , а измислен од пропагандата.
Идејна основа на новата граѓанска “религија” се шовинизмот и ксенофобијата. Во центарот е митот за вечното противење меѓу Русија и Западот, кој се обидува да ги одземе руските природни ресурси, суверенитетот, та дури и вистинска сексуална ориентација. Главниот непријател во оваа црно-бела слика на светот се САД,кои го наследиле овој статус од нацистичка Германија. Неслучајно на 9 мај на автомобилите во Москва можеа да се видат налепници со натпис “1941-1945. Можеме да го повториме”.
Новата граѓанска “вера” осветува секаков вид агресивни дејствија на државата. Анексијата на Крим пример беше прогласена за враќањето на Русија на нејзина “сакрална” територија. Дури стана модерно да се зборува за “сакралното” значење на учеството на руските војници во сириската војна. Слични воени култови секогаш се користеле за морална подготовка на населението за војна. За тоа веќе отворено зборуваат и ентузијастите на новата граѓанска религија. На пример писателот-патриот Владимир Карпец , кој пишува дека 9-ти мај е празник на победата на Русија во “минато и во иднина над обединета Европа”.
Духовниот водач Путин
Еден од најважните обреди од последните години е поворката на “Бесмртниот полк”, кој наликува на православна црковна процесија. Само што наместо икони со слики на светци, луѓето носат зголемени слики на “деовците”. А тоа пак е израз на култот на почитување на предците во други верувања, сметано од христијаните за паганство. Во таа смисла поворката е ритуал кој е христијанска по форма и паганска по содржина – како и целата нова хибридна граѓанска религија.
На 9-ти мај на чело на “црковната поворка” наместо свештеникот со иконата одеше Путин-син со портретот на Путин-татко. И тоа уште еднаш покажува дека не патријархот Кирил, туку Путин ја извршува функцијата на највисок духовен авторитет. Неформалниот лидер на новото квазирелигиозно движење, претседателот на Руската Федерација ги обедини во свое лице високата секуларна и духовна власт во земјата.