Народната банка ги засилува активностите за зголемена транспарентност на давателите на платежни услуги

231 прегледи

Народната банка ги засилува активностите коишто се очекува дека ќе резултираат со зголемена транспарентност на давателите на платежни услуги во однос на надоместоците на најчестите платежни услуги што ги користат граѓаните. Се работи на нова регулатива во оваа сфера, со транспонирање на релевантното европско законодавство. Со ова ќе се зголеми нивото на заштита на потрошувачите при договарање и користење на платежни услуги, а дополнително се очекува да  се зајакне и конкуренцијата меѓу давателите на услугите. На ова се фокусирани и дел од активностите во рамки на твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзино членство во Европскиот систем на централни банки“, финансиран од Европската Унија. Изминатите денови, интензивно се разменуваа искуства и мислења меѓу експертите од нашата централна банка и експертите од Хрватската народна банка, којашто е и твининг-партнер во овој проект. Денес се одржа и онлајн-настан на којшто беа презентирани резултатите од примената на Директивата за платежни сметки во Хрватска, со посебен акцент на транспарентноста на давателите на платежните услуги постигната преку прикажување компаративен преглед на надоместоците на давателите на веб-страница и преку мобилна апликација, за какви што се предвидува простор и со новата регулатива кај нас.

„Со новиот регулаторен пакет во областа на плаќањата давателите на платежни услуги ќе имаат обврска да им даваат на потрошувачите повеќе  информации во стандардизиран формат за нивните надоместоци за услугите поврзани со платежна сметка, а Народната банка да ги објавува на интернет страна, со што на потрошувачите ќе им се овозможи и полесна споредливост на надоместоците меѓу давателите на платежните услуги.“ – истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во своето воведно обраќање на настанот.

„Благодарение на поддршката од ЕУ и на посветеноста на колегите од Народната банка, Министерството за финансии и од  другите институции од земјата, како и на европски експерти, Нацрт-законот за платежни услуги и платни системи е изработен и скоро подготвен за отворена консултација. Делегацијата на ЕУ се надева дека Законот ќе биде донесен во блиска иднина со цел да се овозможат придобивките од Директивата за платежни услуги на граѓаните на Северна Македонија.“ – рече во своето обраќање Алесандро Занота, економски советник во одделот Операции при Делегацијата на Европската Унија.

Во рамките на презентацијата беа претставени искуства коишто потврдуваат дека нашата централна банка, со активностите што ги презема во оваа сфера е во вистински правец на обезбедување услови и правила за проактивен транспарентен пристап на давателите на платежни услуги, создавајќи униформни правила во однос на обезбедувањето платежни услуги и информации што треба да се обезбедат за граѓаните. Преку дел од презентацијата на Хрватската народна банка, поилустративно  се согледа  важноста и натамошната корист за граѓаните од предвидените активности кај нас за нормирање на пристапот во објавување на информациите, што ќе овозможи подобра споредба на понудите за платежни услуги.

Во рамките на онлајн-настанот се отворија и бројни прашања поттикнати од досегашните искуства во Европската Унија, при што може да се забележи дека во оваа сфера, Народната банка соодветно ја користи можноста за поддршка од Унијата, преку овој проект да ги забрза активностите за модернизирање на платежната инфраструктура во согласност со европските трендови. Инаку, на настанот учествуваа претставници на поголем број институции и организации, банки, штедилници, финтек-компании, платни системи и на високообразовни и научни институции. Активно се вклучија и претставници на амбасадите на земји од Европската Унија, коишто проактивно ги следат залагањата и постигнувањата на Народната банка во воспоставувањето на европските стандарди во рамките на домашната платежна инфраструктура.

Твининг-проектот „Јакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ“, покрај на платежните услуги и платните системи, фокусиран е и на статистиката на финансиските сметки, активности во сферата на регулативата и супервизијата на банките и на истражувачки активности за анализа на политиките.

Во спроведувањето на проектните активности, партнери на Народната банка се централните банки на Германија и Хрватска, а во дел од активностите вклучени се и експерти од централните банки на Белгија, Грција, Литванија, Португалија, Романија, Словачка и Холандија.

Слични содржини