Нарушување на секуларизмот или право за изјаснување за важни општествени теми: Како Агатангел испраќа пораки под закрила на црковната мантија?

Агатангел контра Синодот на МПЦ: Дали Црквата го менува односот кон Договорите со Грција и Бугарија?

од Nikola Popovski
235 прегледи

Нова изјава од црковно лице кое директно се однесува на политичките и општествените теми во државата. Владиката Агатангел смета дека Македонија треба да го поништи, како што вели, „одвратниот“ Преспански договор и да се откаже од Договорот со Бугарија. Според него, треба да се запре се што, како што вели, задира во нашето уставно уредување, во нашата култура и идентитет. Тој ги повикува и властите и опозицијата, како и целокупниот македонски народ – дома и во дијаспората – на обединување и активна одбрана на националното достоинство. Сепак, воедно тврди и дека „Европа одамна ги напушти своите темелни вредности и денес е заложник на шовинизми и корупција“.

Нарушување на секуларизмот или право за изјаснување за важни општествени теми – ваква дилема се протега во јавноста по повиците на повадарскиот митрополит. Според верскиот аналитичар, Бранко Ѓорѓевски, ставовите од колумната на Агатангел не би ги доживувал како некакво нарушување на секуларизмот и мешање на Црквата во државните работи. Во принцип, вели дека го поддржува ставот дека и свештените лица треба да имаат право да се изјаснуваат за некои важни државни и општествени теми.

-Дали тоа ќе биде за укинувањето на правото на абортус што може да го предложи некој партија или за (не)оправданоста на некој меѓудржавен договор, тоа е ирелевантно. И свештените лица се дел од општеството и тие треба да имаат право да го кажат својот став, колку тој и да бил остар во нечии очи. Критериумот на мешање на верските заедници во општествени работи навистина е широк и растеглив, објаснува Ѓорѓевски во разговор за „Локално“.

Бранко Ѓорѓевски

Но, според соговорникот, ако и Самиот Синод на МПЦ-ОА се изјаснил како за Преспанскиот договор, така и со Договорот со Бугарија, а познато е, дека и двата ги поддржал без некои големи забелешки и отпор, и што не предизвикало обвинувања дека се нарушува секуларизам, зошто сега тоа би предизвикала колумната на повардарскиот митроиполит.

-Прашањето врзано со оваа колумна е : од каде сега ваква промена кај еден член на Синодот? Додуша, владиката Агатанегел е познат по свои ставови против овие договори, но имаше и тогаш можност – во годината кога беа донесени договорите – да се излезе со вакви ставови. Но, тоа се работи кои треба да се адресираат до него и до Синодот. Па да се добие одговорот дали следува некоја поголема промена во однос на Синодот кон овие договори, констатира Ѓорѓевски во својата анализа.

За владиката Агатангел, ВМРО-ДПМНЕ е најголемата и најсветата партија во државата и тој верува дека Господ и Богородица ќе му помогнат на Христијан Мицкоски да го врати сето македонско и национално. Ваквиот став беше искажан пред три години за време на владеењето на претходната власт. Агатангел, во својот говор, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го нарече „нашиот претседател“ за кого рече дека верува оти со помош од Бога и Богородица ќе го врати назад она што е свето македонско и национално.

„Ние Македонците сме емоционални луѓе, ние Македонците сме патриоти, ние си го сакаме својот македонски јазик и држава, својата македонска нација и сето она што е свето и македонско, бидејќи тоа го примивме од нашиот свет апостол Павле кој шеташе и чекореше по оваа света македонска земја. И затоа примајќи ги овие свети молитви од овие наши дедовци и прадедовци, длабоко од душата и срцето верувам дека нашиот претседател на најголемата и најсвета партија ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, се ова што го дадовме, верувам дека ќе го вратиме назад. Првин со него, а потоа и со божја помош“, кажа Агатангел.

Тој вели дека верува оти „Бог и мајката Божја Богородица, која е заштитничка на оваа света македонска земја, ќе му помогне него и на сите негови соработници на се она што е свето македонско, национално, да го врати назад и нема да дозволи некој кој не ја чувствува Македонија национално да ја одредува судбината на нашата света земја“.

Ова не е прв случај владиката Агатангел да се впушти од црковните во политички води, со своите изјави и постапки кои предизвикуваа реакции во јавноста. Во 2020 година, владиката среде ковид пандемија даде наредба свештениците качени на камион да ги прскаат улиците со света вода против коронавирусот. Во септември 2018 година, пак, една недела пред денот на одржување на референдумот, Митрополитот Повардарски Агатангел „ги покани верните чеда на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на света архиерејска литургија“ на која сите заеднички ќе се помолат за зачувување на името, идентитетот и јазикот.

Дел од експертите сметаат дека решавањето на статусот на автокефалност на МПЦ е една од придобивките од потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција. Ваков беше ставот на универзитетскиот професор од Правниот факултет во Скопје, Александар Спасеновски. Тој пред три години во дебатна емисија, меѓу другото, порача:

„Серијата на активности во рамките на православната црква поврзани со известувањето на Синодот, изјавите на Вселенскиот патријарх, писмата од македонскиот државен врв, писмата на Вселенскиот патријарх до СПЦ итн. Сè тоа се серија на настани кои доведоа до ова што го имаме денеска. Меѓутоа, треба да бидеме искрени и тоа јавно да го кажеме дека ако треба да ги бараме и да ги најдеме придобивките од склучувањето и потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој беше надминат долгогодишниот спор кој го имаше Република Македонија со Република Грција околу уставното име на нашата држава, освен членството на НАТО, во тој случај, бездруго, тоа е и ова што го живееме, а е поврзано со стекнувањето на автокефалниот статус на МПЦ“.

Н.П.

Слични содржини