Американската вселенска агенција НАСА објави две нови мисии на Венера, наречени ДаВинчи + и Веритас, чија цел е нејзино проучување, што ќе биде прва посета на сестринската планета на Земјата во последните 30 години.
ДаВинчи + ќе ја анализира атмосферата на Венера, а Веритас ќе ја мапира нејзината површина, соопшти НАСА. За овие две мисии ќе бидат издвоени 500 милиони долари и тие ќе бидат лансирани во периодот од 2028 до 2030 година.
„Целта на мисијата е да открие зошто Венера денес изгледа како пекол, иако некогаш имаше многу од карактеристиките на Земјата и можеби била првата населива планета во Сончевиот систем, со океани и клими слични на Земјата“, соопшти НАСА во изјава.
ДаВинчи +, која ќе се состои од летало и сонда, ќе го измери составот на густата и топла атмосфера на Венера, што треба да им помогне на научниците да утврдат како еволуирала, а задачата на Веритас е да ја исцрта нејзината површина за да се обиде да ја разбере нејзината геолошка историја, наведува НАСА.