Да го парафразирам Толстој од врвот на неговата реалистична фикција во „Ана Карењина“: Сите успешни држави се слични една на друга; сите пропаднати држави се неуспешни на свој начин.

sasoШто сакам да кажам?

Би можеле бесконечно да се расправаме за дефиницијата за тоа што е „успешна држава“, но веројатно е неспорно дека централниот дел на тврдењето за успешноста би се вртел околу аргументацијата за благосостојбата и просперитетот на најголемиот дел од општеството во државата, како клучен фактор за нејзината успешност. Се разбира, категориите на благосостојба и просперитет, бидејќи се релативни вредности, не може да се третираат вон историскиот контекст во опстојувањето на која било заедница, бидејќи подлежат на временски континуитет што ги прави споредливи.

Но, како и да ја завртите, нема успешност и просперитетност во државата доколку луѓето што ја предводат не се одговорни за своите постапки и дела пред оние што ги избрале, односно пред Законот, како врвниот „производ“ на секоја претставничка демократија. Законот „владее“ со државата до секој следен изборен испит.

Според тоа, кога добро ќе размислите, сите успешни држави навистина се слични една на друга, бидејќи во нив Законот важи за сите и никој не може да биде над него, без разлика на политичката популарност, успехот во бизнисот или тоа како изгледате и кој сте, во секоја смисла. Пропаста, пак, на државата започнува таму каде што Законот не важи за сите еднакво. Тој процес на распад (морален, материјален, политички и сл.) може и да потрае и да има различни лица и наличја – по тоа, во стилот толстоевски, пропаднатите држави се неуспешни секоја на свој начин – но резултатот е секогаш, тврдоглаво ист: процес на распад, фаза на криза, па пропаст.

КАДЕ Е ОВДЕ ЛЕВО?

Во Македонија, Законот не важи за сите еднакво. Тоа на сите ни е јасно, особено на оние што се задолжени за неговото спроведување. На пример, со процесот на „полицизација“ на државата (д-р Гроздан Цветковски), со што во изминатите години е речиси дуплиран бројот на полицајците, примани на работа според критериумите на нивната партиска припадност, никако не се успева да се влијае врз намалување на општиот криминал во општеството. МВР е станата една од клучните државни социјални установи, каде што мајките ќе си ги најдат изгубените деца (со вистинска партиска книшка во рацете) не како резултат на пријава за исчезнување, туку како резултат на пријава за вработување! Без разлика на манипулациите и лагите на министерот Чавков – кога го гледам редовно полузбунет по телевизиите, само чекам некој да го праша: „Министре, дали МВР знае каде е овде лево?“ – јасно е дека Македонија е земја во Европа со најголем број униформирани полицајци по глава на жител, а МВР со години, цела деценија, како змија нозете, ги крие статистиките за состојбите со криминалот во државата.

Што ли прави по цел ден оваа армија полицајци – ловат покемони по улици?

На пример, после притворањето, судењето и затворањето (14,5 години робија) на извесната госпоѓа Станислава Чочоровска во 2007 година за вмешаност во шверц на половина тон кокаин, дали во изминатите 7-8 години сте чуле за некоја голема полициска акција за разбивање шверц или трговија со тешки наркотици во Македонија? Да, памтам дека пред некоја година се апсеше некаква велешка група за вмешаност во овој тежок облик на криминал, ама тоа беше операција иницирана од австриската и германската полиција, за дела сторени во нивните држави од страна на оваа криминална мрежа, а не беше резултат на голем успех на нашите истражни генијалци.

ОД ТРИТЕ – НАЈВЕРОЈАТНОТО

Во меѓувреме, се изнагледавме разни полициски акции, уредно пропагандно процесуирани, поврзани со апсења на трговци или производители на марихуана (100 грама, половина кило, пет кила, цели две вреќи и сл.), но не памтам ниту една поголема операција врзана за разбивање на трговијата со кокаин, хероин или други хемиски преработки на опасни опојни дроги во Македонија. Или, по падот на г-ѓа Чочоровска, државава престанала да биде една од клучните балкански алки на европската рута за шверц и трговија со опасни наркотици?

Оти, во таа област логиката е едноставна: или полицијата е многу успешна во справувањето со овој тежок облик на криминал, па е дојдено до негово целосно сузбивање, што резултира со молк во јавноста; или полицијата ни е многу неуспешна, па не може никого да фати, што резултира со отсуство на видливи резултати во таа сфера. Трето нема. Освен, се разбира, ако некој во самата полиција не го превземал бизнисот под своја контрола, па затоа нема позначајни резултати со кои можат јавно да се пофалат на Сител.

Што мислите, која од овие три опции ви се чини најверојатна? Или ни е сеедно што од трите, со години, го добиваме – најдолгото?

ПРЕД ИЛИ ПОТОА?

Еден од полицајците кои учествувале во акцијата во „Диво насеље“, во официјален исказ пред судот, потврди дека лицето Мирсад Ндрецај, предводник на бандата што минатата пролет упадна во кумановското предградие, бил прво жив уапсен во крвавата полициска акција, а дури потоа, некако, упокоен. Неговиот исказ предизвика удирање гром од ведро небо во судскиот процес и инстантно снемување струја во Судот (!?), проследено со изјава на самиот министер Чавков – еден од највисоките раководители со тоа безбедносно фијаско во Куманово – дека овој полицаец „се збунил“ при давањето на исказот.

Македонија е земја во која одамна никој не се вознемирува што уапсени криминалци, осомничени и за најтешки кривични дела, физички и психолошки се малтретираат ОТКАКО ќе паднат во рацете на полицијата. Како да сме во Кандахар, во Дијарбекир или во некое предградие на Мексико Сити или Богота. Дури, не би се изненадил ако некое истражување покаже дека поголемиот дел од јавноста мисли – и тивко се согласува! – со таквите постапки на нашите безбедносни сили. Впрочем, не би требало да има ниту еден нормален, кој ги прочитал стравотиите во хашкото обвинување за Тарчуловски (а, своевремено, целосниот обвинителен акт беше широко публикуван во македонскиот печат), кој за овој меѓународно осуден криминалец би имал какво било позитивно, а не пак патриотско мислење! Ама, таквите кај нас седат ако не баш во првиот, туку веднаш во вториот ред на партиските конвенции на владејачките партии (и кај ДУИ и кај ДПМНЕ) и примаат некакви државни пензии или други бенефиции за заслужни граѓани, до крајот на животот.

Затоа, иако не е неважно дали Ндрецај бил убиен пред или по неговото апсење, уште поважно е што голем дел од јавноста дознавањето на фактите околу тој непријатен настан воопшто не ги интересира. Па, можеби си вели овој дел од јавноста, ако тоа не ги интересира судиите (на кои описот на работа им е утврдувањето на фактите!) и обвинителите (на кои описот на работа, исто така, им е утврдувањето на фактите!), зошто треба ние да се „замараме“ со тоа?! Уште повеќе – а можеби и највеќе! – тој неинтерес е дотолку пофрапантен што сите знаат дека, ако човекот навистина бил убиен по апсењето, тоа бездруго е сторено заради прастарата вистина дека „мртвата уста не говори“.

Замислете што сè, доколку е жив, би можел да раскаже водачот на бандата што го запоседна „Диво насеље“ за настаните што со месеци пред тоа претходеле на крвавата разрешница во Куманово. Дали тоа нè интересира? Или, можеби, не треба ли да нè интересира?

* * *

Е, затоа немаме напредок, а уште помалку благосостојба во Македонија. Затоа што законите не важат за сите еднакво. Затоа што добар дел од јавноста тоа не ја ни интересира. Ние сме една толстоевска, неуспешна приказна, за која никој нема да напише роман што ќе се памети.

Сашо Ордановски
објавено во Слободен печат

Слични содржини