Случајот на брутално насилство врз животни во Гевгелија, каде група деца свирепо измачувале млад штрк, претепување до смрт на бездомното куче Феликс, масовното труење на бездомните животни се само дел од континуираните случаи кои ги „преплавуваат“ медиумите постојано. И покрај најавите за воведување построги казни и постојани протести од Здруженијата за животни, сепак како општество не забалежуваме големи промени во однос на несоодветниот третман кој што се применува кон животните.
Психологот и комуниколог Маријана Марковиќ за „Локално“ вели дека најголемата причина за нехумано однесување кон животните е отсуство на социјалната одговорност и отсуство на чувство на почитување на личноста која е поинаква од нашиот вид.
-Има луѓе коишто навистина се жртвуваат на своја лична иницијатива и прават максимални напори да заштитат животни. Но, голем дел од луѓето светот го гледаат од егоцентрична-нарцистична позиција, како да се единствените на светот и како се да им е дозволено, а другите суштества немаат право да живеат, односно имаат право да живеат ако се ставени во наш пакет, додаде Марковиќ.
Оваа нарцистична позиција, според психологот, им нанесува штета на животните по нивниот живот и нивното здравје.
-Ова можеби потекнува уште од војните во Југославија, од една транзиција која што траеше многу долго и која што беше многу сурова. Станува збор за трансфер на идеологија – од социјалистичко-политичка идеологија, ние дојдовме до капиталистичка идеологија. Ова е најстрашниот облик на анархична политичка иделогија, каде што немате грижа за куп ѓубришта, за загадување, кои што претставуваат опасност по здравјето и по живот, а во меѓувреме се гледа само за профит. Во време на максимално акумулирање на профит, се губи мислата или енергија за чувствувата што ги имаат сите живи суштества. Ние многу животински видови убивме заради потребата од пари или од нови трофеи во нашите куќи, додава Марковиќ.
Според Марковиќ, излезот од една ваква ситуација е во поголема свесност и социјална одговорност.
-Не постои друг начин, освен начинот на промена во рамки на образован систем. Потребно е децата да имаат едукативни материјали за важноста на природата и животните. Ние постарите генерации пораснавме со книги каде што се гледаше желбата и љубовта на нашето припаѓање кон природата. Имавме книги каде се опишани животните кои живеат на Шар Планина и насекаде низ Македонија, појаснува Марковиќ.
Таа е децидна дека мора да постои поголемо присуство на животни во медиумите, при што приказните ќе бидат позитивно пренесувани.
-Поентата е пораките да бидат позитивни и промотивни, за да си дојдеме до сопствената природа.Ние сме отуѓени од сопствената природа. Сега новиот термин кој што го употребуваме за новото општество во кое што се наоѓаме е технолошки феудализам или трансхуманизам. Тоа е општество каде што повеќе се вреднува машини и разни ччипови, само за човек да не вложи личен напор. Целото глобално општество оди во таа насока, додава Марковиќ.
Решението Марковиќ го гледа во воведување на построги казни од системот, за секое злосторство извршено врз животни.
-Во крајна точка во која имаме грозоморно однесување, мора казните да бидат многу јаки, затоа што ние имаме учење по модел, но и учење по награда и казна. За жал, сега ние сме дојдени во ситуација кога луѓето треба сериозно да се казнуваат, за да се спречи еден несакан облик на однесување, вели Марковиќ.
Со цел спречување на насилство врз животни во иднина, Марковиќ предлага промена на образовниот систем, по принцип на моделите од блиските држави.
Решението таа го гледа и во спојување на училиштата со шелтери за кучиња или пак со згрижувалишта за мачиња, каде што децата ќе можат да одат да ги хранат и да ги чуваат.
Б.Т.