Наскоро апчиња за ковид, еве како делуваат и колку ќе чинат

од Milan1
1,4K прегледи

Американските фармаколошки гиганти „Мерк“ и „Фајзер“ неодамна објавија охрабрувачки резултати од испитувањата на нивните орални лекови за пандемичната болест ковид-19.

Станува збор за таблети кои се земаат орално веднаш штом се појават првите симптоми на ковид за да се избегнат потешките форми на болеста, а со тоа и болничкото лекување.

Овој тип на третман се бара од почетокот на оваа глобална здравствена криза. По повеќемесечно истражување, „Мерк“ и „Фајзер“ објавија дека ја постигнале својата цел. „Мерк“ објави на почетокот на октомври дека бара дозвола за употреба во САД за својата таблета Молнупиравир а „Фајзер“ го стори истото минатата недела за својот лек Паксловид. Во двата случаи, антивирусните лекови делуваат на тој начин што ја намалуваат способноста на вирусот да се реплицира, а со тоа ја забавуваат прогресијата на болеста.

Двете компании тврдат дека клиничките испитувања покажуваат дека употребата на лекови значително го намалува ризикот од хоспитализација. Компаниите тврдат дека Молнупиравирот го намалува ризикот за 50 проценти, а Паксловидот за 89 проценти, иако стапките на ефикасност не треба директно да се споредуваат поради различните протоколи за тестирање.

Антидепресив кој веќе е достапен за јавноста, флувоксамин, исто така покажа охрабрувачки резултати во спречувањето на сериозни форми на болеста, според студијата на бразилските научници објавена во октомври во „Лансет“.

Доколку се потврди ефикасноста на таблетите, тоа ќе биде голем чекор напред во борбата против ковид и заедно со вакцината ќе го зајакне „терапевтскиот арсенал“ против вирусот. Терапиите веќе постојат, главно во форма на синтетички антитела, но овие лекови се инјектираат и обично се даваат на пациенти кои се веќе сериозно болни. Од друга страна, таблетите може брзо да се препишат и лесно да се земаат без пациентот да излезе од дома.

Третманот со таблетите на „Мерк“ и „Фајзер“, кои во моментов не предизвикуваат многу несакани ефекти, би траел два дена, по две дози на ден. „Успехот на овие антивирусни лекови отвора ново поглавје во спречувањето на тешките последици од Ковид“, рече британскиот виролог Стивен Грифин.

Тешко е да се процени успехот на терапијата со „Мерк“ и „Фајзер“ бидејќи тие сè уште немаат објавено податоци за клиничките испитувања.

Францускиот експерт Карин Лакомб предупреди дека ваквите најави на фармацевтските компании треба да се земаат со претпазливост додека нивните тестови не поминат научни рецензии. Таа, исто така, истакна дека таквите таблети би можеле да им донесат „потенцијално огромен“ пазар.

Независни експерти велат дека некои елементи укажуваат на тоа дека „Мерк“ и „Фајзер“ не даваат лажни ветувања. Двете компании ги прекинаа клиничките испитувања порано од очекуваното, со благослов на независни надзорни одбори, бидејќи резултатите беа многу добри.

Кога станува збор за антидепресивот Флувоксамин, достапни се податоците и наидоа на некои приговори. Неколку научници им се спротивставија на авторите на студијата дека не се ограничуваат само на проценка на зачестеноста на хоспитализирањата, туку ја анализирале и зачестеноста на продолжениот престој во болница, што, според нив, го отежнува толкувањето на податоците.

Молнупивир на Мерк веќе е одобрен во Британија. Тамошните здравствени власти дадоа зелено светло за лекување на лица со поголем ризик да развијат тешка клиничка слика како што се постарите, дебелите и дијабетичарите.

Неколку земји веќе нарачаа залихи на молнупивир, како што се САД, кои нарачаа 1,7 милиони дози. Американската нарачка навестува и колку може да чини лекот. Нејзината вкупна вредност е 1,2 милијарди долари, што би значело дека петдневната терапија со молнупиравир чини околу 700 долари. Компанијата Фајзер сè уште не ја објави цената на Паксловидо, но вети дека таа ќе биде прифатлива.

Слични содржини