Наставничка од скопско основно училиште која ја контактираше редакцијата на „Локално“ упати загрижувачки апел до родителите. Таа предупредува за опасен ТикТок предизвик кој масовно се шири меѓу учениците. Таа сведочи дека, децата го пробуваат предизвикот на онесвестување, кој може да има сериозни последици.
„Не знам како точно се вика предизвикот, но децата велат дека го виделе на ТикТок. Си ги стискаат дијафрагмите сè додека не се онесвестат. Некогаш тоа го прават еден на друг, некогаш сами. Но, имало случај кога дете останало онесвестено подолго време па морале да го прскаат со вода и да повикаат некој да им помогне,“ раскажа наставничката.
Наставничката изрази сериозна загриженост дека не станува збор за изолирани случаи, туку за широко распространета појава која ги загрозува здравјето и безбедноста на децата.
„Тоа не го прават само на училиште, туку кажуваат дека пробуваат и кога се сами дома,“ предупреди таа, повикувајќи ги родителите да бидат внимателни и да разговараат со своите деца за потенцијалните ризици од ваквите „игри“ на интернет.
„Децата не се свесни дека ваквата навидум ‘игра’ може да има тешки последици или да резултира со трагедија,“ додаде таа.
И. И.