НАТО формира нова борбена група со војници од Хрватска и Црна Гора во Унгарија

од Stefanija Kuzmanovska

Војници од Црна Гора, Хрватска, САД и Италија пристигнаа во Унгарија каде ќе формираат борбена група на НАТО со засилена будност, заедно со колегите од Унгарија и Турција.

Како што наведува порталот „Балканска безбедносна мрежа“, тоа е една од четирите нови борбени групи на НАТО кои беа формирани како дел од процесот на зајакнување на источното крило на Северноатлантската алијанса по руската инвазија на Украина.

„Водечка нација ќе биде Унгарија. Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, иако не испраќа воена помош за Украина, е целосно вклучена во зајакнувањето на силите на НАТО на источното крило од самиот почеток на кризата“, се додава во текстот.

Порталот наведува дека на овие сили, со големина на баталјон, во август им следи интензивна тактичка обука и гаѓање со боева муниција, а потоа и интеграција во единствена вооружена формација, односно во борбената група на НАТО.

Демонстрацијата на целосната оперативна способност на оваа борбена група е планирана за почетокот на септември кога ќе изведе тактичка вежба со боево гаѓање.

Силите на НАТО се стационирани во унгарската база Ујмајор, која поради тоа е темелно реновирана, а се наоѓа во централниот дел на земјата, недалеку од езерото Балатон и на 350 километри од украинската граница.

Унгарската армија вклучи една тенковска чета, една механизирана пешадиска чета, артилериска батерија, авијациска ескадрила, оператори за наведување за поддршка од воздух, специјални сили и воена полиција во силите на НАТО.

Исто така, една турска воена единица ќе биде дел од оваа борбена група, но таа нема да дојде во Унгарија, туку од својата база ќе биде во состојба на зголемена борбена готовност.

Хрватска испрати 60 војници, вооружените сили на Италија испратија делови од планинската бригада од Торино со вкупно 250 луѓе, а Владата на Црна Гора предложи, поради поголема потреба од ангажман во силите на НАТО, парламентот да гласа за зголемување на бројот на војниците на Армијата на Црна Гора од 20 на 60 во здружените сили на алијансата.

Како одговор на руската интервенција во Украина, НАТО ги зголеми силите на своето источно крило и создаде четири нови постојани борбени групи во Словачка, Унгарија, Романија и Бугарија. Од 2014 година, борбените групи на НАТО дејствуваат во Естонија, Латвија, Литванија и Полска.

Слични содржини