НАТО ги започна своите долго планирани годишни нуклеарни вежби во северозападна Европа поради војната во Украина и заканата на Москва да користи нуклеарно оружје за одбрана на руската територија.
Четиринаесет од 30-те земји членки на НАТО треба да учествуваат на вежбите „Стабилно пладне“ кои ќе траат до 30 октомври.
Во вежбите ќе учествуваат околу 60 авиони, вклучително и борбени авиони способни да носат нуклеарни боеви глави и авиони за надзор и полнење гориво.
Забранет е пристап на медиумите.
Најавено е дека летовите ќе се вршат над Белгија, Велика Британија и над Северното Море.
Вежбите беа планирани пред руската инвазија на Украина.
Русија обично ги одржува своите годишни вежби во исто време, така што НАТО очекува Москва да ги обучува и своите нуклеарни сили овој месец.