Во новиот стратешки концепт на алијансата, НАТО ќе ја нарече Кина „системски предизвик“, а ќе констатира зајакнување на соработката меѓу Пекинг и Москва, пишува „Блумберг“, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, пренесува РИА Новости.
„НАТО има намера да ја означи Кина како ‘системски предизвик’ кога ќе објави нови насоки оваа недела, притоа нагласувајќи го продлабочувањето на соработката на Пекинг со Русија“, се вели во соопштението на агенцијата.
Се очекува документот да изрази загриженост за Кина во области како што се сајбер безбедноста, дезинформациите, контролата на критичната инфраструктура и меѓународниот поредок.
Како што потсетува „Блумберг“, претходната верзија на концептот, усвоена во 2010 година, не содржела индикации за Кина, а Русија ја опишала како партнер во Алијансата.
Претходно беше најавено дека лидерите на НАТО во Мадрид ќе го одобрат ажурираниот стратегиски концепт на Алијансата за периодот до 2030 година.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека лидерите на земјите од Алијансата во новиот концепт ќе ја наречат Русија „главна закана за колективната безбедност“.