НАТО внимателно го следи зајакнувањето на военото присуство на Русија од Балтикот до Северна Африка, рече генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Јенс Столтенберг и додаде дека Русија ги зајакнува своите воени способности и од таа причина – НАТО го прави истото.
„Што се однесува до руското воено присуство во Либија, воопшто во Африка – Алијансата внимателно го следи сето тоа“, рече тој во Брисел на заедничката прес-конференција со претседателот на Мавританија, Мохамед Ул Газуани.
Според Столтенберг, НАТО не го следи само зајакнувањето на Русија во Африка, туку и на „Блискиот исток, Сирија, црноморскиот регион, Крим, регионот на Балтичко Море и крајниот север“.
„Тоа е нешто што е вистинска причина за нашата загриженост. Ние внимателно го следиме военото зајакнување на Русија. Затоа, НАТО ја зголеми борбената готовност на своите сили. Од оваа причина, ние издвојуваме дополнителни инвестиции за нови воени можности. Тоа е причината зошто ние ја прилагодуваме Алијансата пред сѐ поодлучната Русија, која значително инвестира во воена опрема и го зголемува своето воено присуство, вклучително и на нашите граници“, посочи тој.
Говорејќи за „военото присуство на Русија во Либија“, Столтенберг рече дека Северноатлантскиот сојуз забележал наводно присуство на воени авиони и „платеници финансирани од Русија“.
„За НАТО, тоа значи само едно – дека е потребно да се поддржи политичкото регулирање на ситуацијата под покровителство на Обединетите нации. Го поздравуваме примирјето и ги поддржуваме напорите на ОН. Исто така ги повикуваме сите страни да ги почитуваат постигнатите договори“, заклучи тој.