Нацевска на дијалогот ЕУ – Западен Балкан: „Народната банка навремено реагира на новонастанатите околности“

од Vladimir Zorba
258 прегледи

Во рамките на овогодишниот дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и Турција, во центарот на вниманието беа предизвиците коишто ги донесоа пандемијата и руската инвазија врз Украина, како два последователни надворешни шока. Притоа беа оценети и мерките преземени досега од страна на носителите на политиките за справување со кризите и за зголемување на отпорноста на економиите.

Монетарната политика на Народната банка е соодветна и придонесува за одржување на севкупната стабилност. Банкарскиот сектор и натаму е стабилен и здрав, обезбедувајќи кредитна поддршка во текот на закрепнувањето на економијата од пандемичниот шок. Истовремено, тој е клучниот столб на севкупната финансиска стабилност. Еден од главните предизвици за централната банка е растот на инфлацијата, којшто главно е резултат на глобални фактори на страната на понудата. Сепак, во последниот период се видливи и одредени преносни ефекти. Во вакви околности е потребна будност и внимателно следење на цените и на инфлациските очекувања и доколку е потребно, натамошно затегнување на монетарната политика за да се одржи ценовната стабилност на среден рок.

Ова се накусо оцените и препораките за централната банка на нашата држава од заедничкиот дијалог со ЕУ за економијата и финансиите, којшто се одржува секоја година, и е дел од претпристапното усогласување на земјава. Вицегувернерката Емилија Нацевска ја претставуваше Народната банка на дијалогот.

Вицегувернерката Нацевска посочи дека Народната банка навремено реагира на новонастанатите околности. Последните промени во глобалните економски услови се однесуваат на изразено повисоко ценовно ниво на увезените производи, општа зголемена неизвесност и затегнување на глобалните услови и делуваат врз домашната инфлација, но и врз побарувачката на девизи на девизниот пазар. Заради навремена реакција во врска со инфлациските очекувања и стабилизирање на девизниот пазар, Народната банка во два наврати умерено ја зголеми основната каматна стапка, продолжи со диференцирање на стапките на задолжителна резерва во домашна и во странска валута, а преку активноста на девизниот пазар директно придонесува за одржување на стабилноста на девизниот курс.

Вицегувернерката нагласи дека и покрај потребата за активно управување со овие тековни предизвици, а заради одржување на стабилноста, особено е значајно што Народната банка и натаму работи на реформските активности насочени кон дигитализацијата, поддршка на зелените финансии и финтек-секторот. На ваков начин, централната банка дава свој придонес кон структурната реформска агенда и ја зголемува отпорноста на економијата на шокови.

Слични содржини