Операторите да ја преиспитаат најавата дека ќе прекинат со емитување на програмите на националните телевизии поради новите законски обврски за авторските права, а надлежните институции да ги потсетат на обврските што ги имаат со добиените лиценци за работа, како и дека не може да бидат дотолку општествено неодговорни, со оглед на деликатната состојба со потребата за известување за коронавирусот и предизборниот период, порачаа денеска петте национални телевизии од Македонската медиумска асоцијација (ММА).
Тие тврдат дека гарантираат за авторските права на нивните програми и истакнуваат дека се задоволни што конечно 30 години се прави обид да се воведе ред во таа област.
Сметаат дека е апсурдна, паушална и незаконска најавата на кабелските оператори за прекин на емитување на програмите, што го образложија како реакција на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што ги изгласа Собранието пред распуштањето со им се наметна обврска да гарантираат за авторските права на програмите што ги реемитуваат– Најавата од кабелските оператори и А1 и Телеком за исклучување на сите канали во нивните телекомуникациски мрежи е апсурдна, неразбирлива. Ние ги гарантираме авторските права 24/7 и гарантираме дека на нашата програма не се појавува никаква пиратерија, ништо за што не е регулиран договор и за што немаме законско право да емитуваме. Оттаму, навистина е чудно зошто нас би не исклучиле од нивните телекомуникациски мрежи како емитувања, особено што имаме и валидни договори, евентуално раскинување на тие договори трае 30 дена, така што ова е паушален незаконски чин, да не речам хир од страна на кабелските оператори, рече на прес-конференција Атанас Кировски, претседател на ММА.
Операторите, укажа, имаа една година да се прилагодат за стапувањето во сила на Законот што беше донесен во 2018 година и за кој имаше јавна расправа и беше објавен на ЕНЕР. Не е точно, посочи, дека тој е донесен во нетранспарентна и брза постапка од Собранието, а кое изгласа само укинување на делот со кој се предвидуваше дека законот ќе стапи во сила 60 дена по конституирање на новиот состав на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги, што не се случи.
-Закани за информативен мрак се недозволиви, поточно потребно е да се почитуваат законите и воспоставените договори во рамки на облигациските односи. Сите зависиме од информациите кои се неопходни во деловното работење и затоа за еднострано раскинување или ад хок измени на договорите од страна на операторите, сите треба да се свесни дека ќе имаат реперкусии. Деловната заедница апелира дека треба да се почитуваат авторските права и правата на интелектуална сопственост како и регулативата да се почитува и спроведува неселективно, истакна Арсовска.