Германските научници неодамна именуваа еден вид бактерии по актерот Кијану Ривс.
Како што се наведува во соопштението за јавноста, типот на бактерија наречена по актерот се бори против габични заболувања на растенијата и патогените кај луѓето. Таа е безопасна за растителните и човечките клетки, што го прави еколошки прифатлива алтернатива на хемиските пестициди.
„Липопептидите убиваат толку ефикасно што ги именувавме по актерот Кијану Ривс, бидејќи тој е исто така исклучително смртоносен во своите улоги“, вели Себастијан Геце, истражувач во германскиот Институт за истражување на природни производи и биологија на инфекции Лајбниц.
Ова име, избрано од германските научници, беше објавено уште во јануари оваа година во списанието на Американското хемиско друштво и повторно се најде на насловните страници откако еден од обожавателите на Ривс го праша актерот што мисли за тоа.
Ривс се пошегува во таа прилика и одговори дека требало да бидат именувани по неговата улога во Џон Вик. Овој педесет и осумгодишен канадски актер им се заблагодари на научниците за се што прават со нивното истражување.