Научниците објавија: Рекордни емисии на јаглерод диоксид од согорување на фосилни горива во 2023 година

од Stefanija Kuzmanovska
217 прегледи

Емисиите на јаглерод диоксид од согорувањето на фосилните горива во светот ќе бидат рекордни оваа година, што негативно ќе влијае на климатските промени и ќе поттикне повеќе деструктивни екстремни временски настани, најавуваат научниците.

Се очекува земјите да испуштаат вкупно 36,8 милијарди тони јаглерод диоксид (CO2) од фосилните горива во 2023 година, што е зголемување за 1,1 отсто во споредба со минатата година, се заклучува во извештајот на научниците „Глобален јаглероден буџет“, објавен за време на самитот COP28, пренесува „Ројтерс“.

Кога се вклучени емисиите од користењето на земјиштето, глобалните емисии на CO2 оваа година се проценуваат на вкупно 40,9 милијарди тони, според извештајот, во кој учествуваа повеќе од 90 институции, вклучувајќи го и Универзитетот во Ексетер.

Емисиите од јаглен, нафта и гас се зголемија, благодарение на Индија и Кина.

Растот на Кина беше поттикнат од повторното отворање на нејзината економија по крајот на епидемијата на ковид-19, додека растот на побарувачката на електрична енергија во Индија е побрз од развојот на капацитетот за обновлива енергија на земјата, предизвикувајќи фосилните горива да го надополнат недостатокот, наведе „Ројтерс“.

Годишните трендови во емисиите го оддалечуваат светот од спречување на глобалното затоплување.

„Во овој момент се чини неизбежно дека ќе ја надминеме целта од 1,5 степени Целзиусови од Парискиот договор“, рече професорот од Универзитетот во Ексетер, Пјер Фридлингштајн, кој го предводеше истражувањето.

Земјите се согласија со Парискиот договор од 2015 година да го задржат затоплувањето далеку под 2 Целзиусови степени и поставија цел од 1,5 Целзиусови степени.

Научниците рекоа дека глобалното затоплување од повеќе од 1,5 степени Целзиусови ќе предизвика посериозни и неповратни влијанија, вклучувајќи фатални топлотни бранови, катастрофални поплави и уништување на коралните гребени.

Меѓународниот панел за климатски промени (IPCC) објави дека глобалните емисии мора да се намалат за 43 отсто до 2030 година за да се одржи порастот на температурата на 1,5 степени.

Наместо тоа, емисиите се зголемуваат во последниве години, а пандемијата на ковид-19 предизвика краток надолен тренд, додека сега емисиите повторно се и до 1,4 отсто над тоа ниво, пренесува „Ројтерс“.

Слични содржини