Долги години се сметаше дека аортата, најголемата артерија во човечкото тело, има само една пасивна улога: да ја пренесува крвта богата со кислород од срцето до телото. Но, најновите научни сознанија ја менуваат оваа претпоставка.
Истражувачки тим од Универзитетот во Јужна Калифорнија откри дека аортата всушност активно се вклучува во процесот на циркулација: се шири и собира во синхронизација со срцето, помагајќи при туркањето на крвта – процес што научниците го нарекоа „брановидно пумпање“.
Како функционира „второто срце“?
Кога срцето пумпа крв, аортата се шири, апсорбирајќи дел од притисокот. Потоа, кога срцето мирува, аортата се собира и ја потиснува крвта напред низ артериите. Овој еластичен одговор овозможува континуиран проток на крв – од клучно значење, особено кај пациенти со срцева слабост.
Нови можности за третман: Еластична аорта, помало оптоварување на срцето
Ова откритие го отвора патот за развој на нови терапии што би ја подобриле еластичноста на аортата, со што би се олеснила работата на срцето. Поеластична аорта значи:
• Подобро шириње и собирање
• Подобар проток на крв
• Помал напор за срцето
• Намален ризик од хроничен замор и отежнато дишење
Како се спроведе истражувањето?
Во студијата учествувале 159 лица од кои 35 со срцева слабост и 124 здрави испитаници, на возраст меѓу 20 и 92 години. Со магнетна резонанца било снимено движењето на срцето и аортата при секое отчукување.
Резултатите покажале дека кај здравите лица, аортата се протегала до три пати повеќе отколку кај оние со срцева слабост.
Вештачка аорта и симулација на срцеви отчукувања
Научниците изработиле вештачки модел на аортата од флексибилен латекс. Преку моторизиран механизам што го имитира срцето, тие го испитале движењето и „брановите на пумпање“.
Резултатите покажале:
• Побрзи бранови = поцврсти и помалку еластични артерии
• Кај пациентите со срцева слабост, аортата беше поцврста и се враќаше побрзо, но со послаб ефект
• Ова резултира со помал притисок и побавен проток на крв
Вкочанета аорта – таен непријател на срцето
Кога аортата ја губи својата еластичност, срцето мора да работи двојно повеќе за да ја одржи циркулацијата.
Натрупаниот холестерол и плаки во ѕидовите на аортата го попречуваат природното ширење и собирање, што може да доведе до:
• Срцева слабост
• Зголемен ризик од срцев и мозочен удар
• Хронична уморност и отежнато дишење
Оваа студија, објавена во „Journal of the Royal Society Interface“, покажува дека аортата активно го зголемува протокот на крв, со што го олеснува срцето и го поддржува целокупниот кардиоваскуларен систем.
Ова сознание отвора врати кон нови терапии и го истакнува значењето на здравите артерии, не само за превенција на срцеви заболувања, туку и за подобар квалитет на живот.