Научниците пронајдоа прв цврст доказ дека гените влијаат на тоа дали некој ќе развие синдром на хроничен замор или мијалгичен енцефаломиелитис (ME/CFS), мистериозна болест која со децении ја игнорираат многумина во здравствените кругови, објавуваат британските медиуми.
Најновата студија сугерира дека неколку варијанти на гени кои се вообичаени кај популацијата го зголемуваат ризикот од развој на болеста, иако многу луѓе ги имаат овие варијанти и никогаш не ја развиваат болеста, објавува Гардијан.
Истражувачот и професор на Универзитетот во Единбург, Крис Понтинг, ги нарече резултатите од студијата „повик за будење“ што покажува дека генетиката може да ја помести рамнотежата и да утврди дали некој ќе развие ME/CFS.
Според Гардијан, потребни се повеќе истражувања за да се развијат дијагностички тестови или скрининг за да се идентификуваат луѓе со висок ризик од развој на болеста.
Сепак, научниците ја нарекоа студијата пресвртница што го става синдромот на исто ниво со други исцрпувачки болести и го отвора патот за потенцијален третман.
„Ова додава кредибилитет на приказната за луѓето со ME“, рече истражувачката Соња Чаудри.
Таа додаде дека на многу заболени им било кажано дека тоа не е вистинска болест и биле дочекани со неверување.
Научниците знаат многу малку за причините за синдромот, иако повеќето пациенти пријавуваат дека имале инфекција пред првите симптоми.
Се проценува дека 67 милиони луѓе ширум светот страдаат од ME/CFS.
Не постои лек или тест за дијагностицирање на состојбата, според „Гардијан“.
Еден од истражувачите, Енди Деверо Кук, рече дека наодите од студијата ќе имаат огромни импликации за пациентите.
„Огромното мнозинство од нив биле напуштени на еден или друг начин, од нивните семејства, влади и здравствениот систем. Иако студијата не дава одговори или практична помош, тоа е добредојдена капка во океанот за промена на климата околу оваа болест“, заклучи тој.
Професорката Ен Мекардл рече дека наодите од истражувањето нудат солидна основа за идна работа што ќе помогне да се забрза развојот на лек за оваа сериозна болест.