„Практично невозможно“. Така научниците во новото соопштение ги опишаа екстремните температури во текот на јули 2024 година – кога нема да има климатски промени (virtually impossible).
Со други зборови, климатските промени се недвосмислено причина за рекордните временски услови на кои бевме сведоци во текот на јули, како во Македонија, така и пошироко, во Европа и Медитеранот.
Ова е резултат на новото истражување на World Weather Attribution (WWA), меѓународен тим на научници од Велика Британија, Холандија и Франција, кои спроведуваат студии за влијанието на климатските промени врз екстремните временски услови.
Како што наведува WWA во соопштението, екстремните горештини како оние што го погодија Медитеранот во текот на јули повеќе не се ретки настани.
Во медитеранските земји вакви топлотни бранови сега се очекуваат еднаш на секои 10 години – се разбира, во сегашната, веќе загреана клима. Бидејќи затоплувањето продолжува, за 10 години климата веќе ќе биде различна од денешната, а современите научни сознанија ни кажуваат дека топлотните бранови ќе бидат уште почести, а нивниот интензитет уште поголем.
Иако овие специфични бројки се однесуваат првенствено на медитеранските земји како Грција и Шпанија, Македонија се наоѓа и во пошироката област на Медитеранот и Југоисточна Европа, која се нарекува „жешка точка“ на климатските промени бидејќи се загрева побрзо од светски просек.
Мапата обезбедена од WWA јасно покажува дека Македонија била во поширокиот регион на екстремни временски услови во текот на јули:
Исто така, WWA проценува дека јулските топлотни бранови, доколку се случат во свет без климатски промени, би биле посвежи за околу 3 °C.
Летните топлотни бранови во Македонија стануваат се почести и поинтензивни поради климатските промени.
Како што јулското време на Медитеранот беше „практично невозможно“ без климатските промени, така и летото кое моментално го преживуваме во Македонија беше практично незамисливо во климата на овие простори пред само неколку децении.