250
По вчерашната прес конференција на портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Наум Стоилковски, се огласи градоначалникот на општината Ѓорче Петров,Александар Наумовски, кој впрочем беше обвинет за поседување на автомобил, кој наводно бил купен со државни пари, односно средства наменети за локалната самоуправа.
„Ширењето на лажни вести стана синоним за опозициската ДПМНЕ. Рубриката Коментар на денот за жал е само едно шоу на кое се забавува единствено публиката во ,,Белата палата”.
Тотална невистина и небулоза се овие вечерни краткометражни измислици на ДПМНЕ и бригадата за продуцирање на ноторни лаги. Пред да излезат на прес конференција добро нека го погледнат возниот парк на своите членови и екс високи функционери, и нека бараат одговори од нив на кој начин се стекнале со имот од така висока вредност.
Како Градоначалник на општина Ѓорче Петров, под кривична, метеријална и морална одговорност, јавно тврдам дека нема апсолутно ништо точно во коментарот на Наум Стоилковски. Јас не поседувам никаков нов џип марка мерцедес МЛ. Поседувам возило произведено во 2010 година.
За жал ДПМНЕ сака на ваков начин да се бори за гласови во наше Ѓорче. За потсетување 12 години, 70 % од функционерите беа од Ѓорче, Премиер, Претседател на Собрание, Министри и штета што може да се пофалат само со личниот капитал и позиција, а за ѓорчевци оставија камен на камен.
Кога се работи за наше Ѓорче не постојат партии, сите се знаеме меѓу себе.
Не е мој стил да се заканувам со тужба за клевета и навреда. Затоа го замолувам портпаролот на ДПМНЕ во рок од три дена да ги докаже своите инсинуации и лаги, бидејќи сум свесен дека нема доблест да се извини.
Очигледно ви пречи постојаниот развој на Ѓорче за овие три години и капиталните проекти кои се реализираат. Ѓорчевци се свесни за тоа, а треба да бидете и вие солидарни со нас за идниот развој на наше Ѓорче.
Доколку не ги докажете вашите небулози, немам друго чаре туку да поднесам тужба за клевета и навреда.
Портпаролот Наум Столиковски, од добар новинар стана ,,викач” на лаги кој ќе мора пред судот да објасни како ја замајува јавноста со невистини и од каде му се дезинформациите дека сум се подновил со нов џип, мерцедес МЛ“, стои во фејсбук објавата на Наумовски.