Наумовски: Погрешно би билo да се манипулира со нашите партнери од ЕУ и САД – да се претстави слика дека сме посветени на реформите, а во реалноста да нема ништо конкретно

од Nikola Popovski
419 прегледи

Во изминатите децении, сведоци сме дека САД секогаш поддржувале целосна интеграција на Балканот во ЕУ, како дел од остварување на целите на американската надворешна политика за стаблизација на Европа, вклучувајќи го и овој дел од контитентот, особено по непријатните случувања во 90-тите години на Балканот, вели во разговор за „Локално“, универзитетскиот професор Васко Наумовски, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД, за посетата на претставникот на Стејт Депарментот, Џејмс О’Брајан.

За пораките на О’Брајан насочени кон партиите, особено за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наумовски вели дека во процесот на европска интеграција, секогаш ќе бидат вклучени и САД, особено во вакви контексти кога на европско тло имаме војна каде што се индиректно вклучени и државите членки на НАТО.

-На американската администрација секогаш ќе ѝ е значајно Македонија што побрзо да ги заврши преговорите со ЕУ. Останува да видиме како политичките партии при изборната кампања ќе ги претстават своите планови за методологијата и начинот за почетокот и тек на преговорите, затоа што сите позначајни партии имаат истакнато во своите изборни програми дека не се противници на европските интеграции. Соодветно на понудата што ќе ја претстават пред граѓаните, тие ќе имаат можност да направат избор, истакнува соговорникот.

Според него, самиот процес на проширување и исполнување на критериумите е познат како процес во кој што постои и еден тип на условување, односно државите мора да завршат одредени реформи за да ги затворат и поглавјата.

-Истовремено во тој процес, нераскинлив дел е и финансиската поддршка затоа што голем дел од реформите што треба да се исполнат, претпоставуваат и оптоварување за буџетот на државите-членки и логично е ЕУ да ја услови нејзината финансиска поддршка со конкретни резултати во реформите што ќе значат и исполнување на реформите за членство, наведува професорот.

Погрешен би бил пристапот, додава Наумовски, да се направи обид за манипулација со нашите партнери од ЕУ, односно да се претстави слика дека сме посветени на реформите, а во реалноста да не се случува ништо конкретно.

-Самата ЕУ има разработени софистицирани механизми за следење на процесот на исполнување на критериумите, што дополнително ќе се усложни со самиот почеток на преговорите за членство на секоја држава кандидат. Во таа насока е неопходно сите партии и други општествени фактори да се сложат за исполнување на сите критериуми и спроведување на потребните реформите. Самите преговори нема да бидат завршени за време на мандатот на влада предводена од една партија или коалиција, туку ќе биде подолготраен процес во кој што ќе треба сите да вложат. Истовремено, реформите што треба да ги направиме ќе дадат резултати за сите граѓани на државата и затоа е потребно да се постигне тој долгопосакуван консензус за овие реформи, анализира Наумовски.

Заедничка соработка, економски напредок, заложба за спроведување на реформите со посебен акцент во областа на владеење на право и унапредување на демократијата и човековите права – дел од заклучоците на Самитот за план за раст – предлог на Европската комисија.

Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан потенцира дека претстојните двојни избори се јасен избор помеѓу луѓе кои имаат пат кон Европа и луѓе чие минато покажува дека не се заинтересирани за пристапување во ЕУ.

-Примерот со одлуката за Украина го покажува единството во Европската Унија околу проширувањето. Ова единство недостигаше веќе некое време, но сега постои заложба и признание дека сега е моментот за тоа. Сметам дека истиот дух ќе преовлада и во однос на некои од пречките за секоја поединечна земја, вклучително и Северна Македонија, која презеде храбри чекори, го промени името и Уставот во еден наврат, сега се соочува со уште едно барање, но фокусот на европските политики и геополитиката е сите земји да бидат дел од ЕУ. И повторно, затоа се важни овие избори. Доколку луѓето продолжат по патот на кој се наоѓаат, јас сум уверен дека процесот ќе се движи напред во следните неколку години. Доколку се потрошат годините барајќи друг пат, тоа мислам дека ќе го успори напредокот на земјата кон Европа, изјави О’Брајан.

Говорејќи за уставните измени и за извесноста дека тие нема да бидат донесени во актуелниот состав, но и ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека не прифаќа бугарски диктат и оти откако ќе дојде на власт ќе бара решение за евроинтеграциите, американскиот дипломат вели дека во претстојните процеси е особено важно сите да земат учество и да ги кажат своите ставови.

Н.П.

Слични содржини