Науновски: Некои држави од ЕУ имаат други планови за С. Македонија и овој регион

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Европа односно ЕУ како високоинституционализирана идеја за политичка Европа отсекогаш имала контроверзен однос кон Балканот, а уште повеќе кон Македонија и посебно Македонскот народ. Врз наш грб до израз доаѓаат сите негативни аспекти на Европа, сите темни сенки од нејзината историја, сите сеништа на нејзината современа развојна форма, вели во разговар за „Локално“, политичкиот аналитичар и професор, Тони Науновски.

-Ние, уште од лисабонската декларација (тогаш ЕУ беше во зачетна форма, како ЕЗ) не смеевме да го заборавиме и другото лице на Европа, нејзиниот историски однос  кон Балканот – долго време третиран како „мрачна крчма“ и ирационално парче земја, а историјата и вопсоставените модели на однос и мислење на политичките елити таму не се менуваат лесно, напротив, тие само добиваат други интерпретативни рамки и модуси, како што впрочем можевме да видиме за овие триесетина години а посебно, еве, денес, после фамозниот интерен извештај, кој за мене воопшто не е изненадување. Напротив, тој извештај е уште една афирмација на политиките кои реално делуваат, наспроти позитивните вербални, реторички практики во врска со севкупниот процес на проширување на ЕУ, нагласува Науновски.

Нашите, македонски факти за ЕУ, според него, се свирепи.

-И покрај апсолутниот политички консензус за членство во ЕУ, и покрај многу тешки реформи (кои не секогаш се соодветни за националниот и автентичен развој), и покрај многупати потврдената апсолутна кооперативност на Македонија (бегалската криза од Косово итн.), и покрај охридскиот рамковен договор, преспанскиот договор, договорот за добрососедство со Бугарија, ние денес повторно добивме големо ништо од ЕУ. Или, со други зборови, во името на подобрата, европска иднина на својата држава, Македонците беа приморани да истрпат многу индиректни и директни понижувања на својата суштина, на својот идентитет – од притисоците за време на војната во 2001 година, преку потпишувањето на суицидалниот (барем во некои елементи) охридски рамковен договор, се до непроцесуирањето на хашките случаи. Се чудевме на многу тоталитаристички, несоодветни барања за многу нешта, се запрепастувавме на изјавите кои ја третираа Македонија како незрело дете. Потиснувајќи ги вековните, милениумските вредности никнати на нашата почва, во име на парадигмата – ЕУ! И за сето тоа, за сите жртви кои се незамисливи веројатно за сите други народи на планетата Земја,  денес го добивме само фамозниот извештај и најави за укинување дури, замислете, и на безвизниот режим. Поголема иронија тешко е воопшто и да се замисли, тврди професорот.

Тој посочува дека лично, со години наназад предупредувал на реалноста на оваа ситуација, и во последно време со чувство на сатисфакција гледа како заколнати ЕУ лобисти стануваат поголеми критичари и ЕУ скептици дури и од него.

-Да, знаеме дека во државите од ЕУ се живее подобро, тие се богати, со  институционална ефикасност, развиени демократски процедури итн., и треба за тие нешта да учиме од нив, но, тие се далеку од нас, или, сеедно, ние сме далеку од нив. До толку далеку што мислам дека имаат други планови за овој регион и Република Северна Македонија. Можеби изледа претерано, но јас одамна сум уверен дека, за жал, некои силни центри на моќ во ЕУ замислуваат поинакви факти на теренот (што велеше Карл Билт) овде, и низ таа интерпретативна рамка плаузибилно може да се разберат и охридскиот, и преспанскиот, и бугарскиот договор. Ослабувањето на државата, пермаментните силни поддршки на Бугарија, а претходно и на Грција, за резултат можат да имаат целосен распад на системот, на институциите, и, така да кажам, дури и на границите. Се разбира, не можам да тврдам, но моето лично мислење е дека некои од ЕУ, или Европа, како да сака и работи на тоа да ги прошири границите на Бугарија и Албанија, во кои нови граници односно големи држави ние, македонскиот народ, ќе бидеме обично малцинство. Понекогаш, за да звучи како шега, велам дека нашата, македонска борба за неколку години или децении, сеедно, ќе биде како да се избориме за средно образование на македонски јазик и локални радио станици, смета Науновски.

Воопшто не е случајно, вели тој, што ние Македонците останавме без старата наша историја (со преспанскиот договор).

-Целта на Бугарија е да ни ја одземе и поновата историја како национален идентитет, и со тоа ние да станенеме само обична вештачка творба на Тито која насила е направена Македонски народ (на ова, во суштина, предупреди пред неколку дена дури и Бранко Црвенковски). Во комбинација со тиранската платформа и некои барања таму, ние ќе имаме третман на дојденци на Балканот, во најдобар случај како неосвестени Бугари или нова квази нација која постои од 1991, односно 2019 година. По тешките битки со охридскиот, преспанскиот и бугарскиот, ние, Македонскиот народ, сме поразени, а тој наш најголем историски пораз немаше да се случи без силната поддршка на некои центри на моќ од ЕУ кон тие договори преку кои се обезличи, деконструира оваа држава. Оттаму, годините кои доаѓаат ќе бидат уште потешки за нас дури и од оние кои поминаа, а излезни решенија за надминување на оваа погубна геополитичка позиција во која сме поставени токму од тие центри кои имаат влијание врз ЕУ остануваат се помалку, додава Науновски за „Локално“.

Н.П.

Слични содржини