Навални е во опасност, му се заканува откажување на бубрезите

од Vladimir Zorba
159 прегледи

Алексеј Навални, притворениот руски опозиционер, е во опасност од откажување на бубрезите, додека видот му се влошува по двонеделниот штрајк со глад, соопшти лекарскиот синдикат поврзан со опозицискиот политичар и критичар на Кремљ.

„Неговата состојба е навистина критична“, рече Александра Захарова, претставник на синдикатот на Медицинскиот сојуз, организација што руските власти ја сметаат за опозициски активисти.

„Ги видовме резултатите од тестовите, кои се многу лоши“, изјави Захарова за Ројтерс, толкувајќи ги наодите добиени преку адвокатот на Алексеј Навални, додавајќи дека членовите на синдикатот не го испитувале самостојно, пренесува „Гласот на Америка“.

„Неговото ниво на калиум е многу високо, а други резултати покажуваат дека бубрезите наскоро би можеле да откажат. Тоа би довело до сериозна патолошка состојба и срцев удар“, додаде таа.

Навални започна да одбива храна кон крајот на март, протестирајќи дека, како што тврди, затворските власти не сакаат правилно да го лекуваат од акутни болки во грбот и нозете.

Затворските власти тврдат дека му понудиле соодветно лекување, кое тој го одбил, инсистирајќи лекувањето да го обезбеди лекар надвор од затворот. Руските власти го одбија тоа барање.

Во петокот, опозиционерот исто така тврдеше дека му се заканувале дека ќе го врзат и ќе го хранат со сила додека не се откаже од штрајкот со глад.

Најмалку 80 светски познати писатели, актери, историчари, новинари и режисери писмено му се обратија на рускиот претседател Владимир Путин, повикувајќи го да му обезбеди на Навални итна медицинска помош, за која рекоа дека му е потребна.

Слични содржини