Навални и неговите соработници повторно се обвинети за екстремизам

од Nikola Popovski
251 прегледи

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални и неколку негови блиски соработници повторно се обвинети за екстремизам и може да добијат долгогодишни затворски казни, објавија во вторникот руските обвинители, по неколкумесечна репресија на неговото движење.

Според Истражниот комитет, кој спроведува големи кривични истраги во Русија, Навални и неговите соработници се обвинети за „основање и водење екстремистичка организација“, која повика на „промена на власта преку насилство“ од 2014 до 2021 година.

Организациите на Навални беа забранети поради екстремизам во јуни, пред изборите на 19 септември.

Партијата Единствена Русија на Путин победи на изборите, а на радикалната опозиција не и беше дозволено да учествува.

Целта на новата кривична истрага се двајцата најблиски соработници на Навални, Иван Жданов и Леонид Волков, кои со месеци живеат во егзил, како и многу други противници на Путин.

Предмет на истрагата е и Љубов Собол, уште еден од соработниците на Навални.

Руските власти ги обвинуваат дека сакаат „да ги дискредитираат државните органи и нивната политика, да ја дестабилизираат ситуацијата во регионите, да ја разбудат желбата за народни протести и да ја убедат јавноста во потребата да се промени власта со насилство“.

Нелегалните протести што ги организираа служеа како „повици за екстремистички и терористички акти“.

Доколку бидат осудени, Навални, Жданов и Волков се соочуваат со затворска казна од 6 до 10 години, а други како Собол од две до шест години.

Слични содржини