Затворениот опозиционер на Кремљ, Алексеј Навални, денес изјави дека затворските власти му се заканувале со лудачка кошула, со цел да го нахранат доколку не се откаже од штрајкот со глад, што веќе сериозно го загрозува неговото здравје.
Навални (44), противник на рускиот претседател Владимир Путин, најави штрајк со глад кон крајот на март во знак на протест против, како што рече, одбивањето на затворските власти соодветно да го лекуваат од акутни болки во грбот и нозете.
Затворските власти тврдат дека му понудиле соодветно лекување, но тој одбил и инсистирал да го лекува лекар по негов избор надвор од установата. Сепак, тоа барање беше одбиено, пренесува Ројтерс.
Во објава на неговата страница на Инстаграм, во која сојузниците на Навални објавуваат ажурирани вести врз основа на податоците добиени од неговите адвокати кои редовно го посетуваат, се наведува дека Навални има вртоглавица, но може да оди.
“Ова утро, полковник застана над мене и ми рече: Вашите крвни тестови покажуваат сериозно влошување на вашата здравствена состојба и постои ризик. Ако не се откажете од штрајкот со глад, подготвени сме да започнеме да ве храниме насилно”, Напиша Навални.
„Тој постојано ми зборуваше за задоволствата при хранење со сила, лудата кошула и другите радости“, изјави тој на Инстаграм.
Инаку, Навални доби затворска казна од две и пол години, поради прекршување на условната казна. Тој беше уапсен на руската граница на 17. јануари, по враќањето од Германија, каде закрепнуваше од труење со нервен агенс.