Осудениот руски опозициски лидер Алексеј Навални изјави дека затворските власти го вратиле во самица по втор пат овој месец, бидејќи одел три секунди непочитувајќи ја наредбата да ги стави рацете зад грб.
Навални, најгласниот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, кој одлежува затворска казна од 11,5 години за кршење условно ослободување, измама и непочитување на судот, синоќа преку својот адвокат на Твитер објави дека е испратен во самица на пет денови за прекршување на правилата.
Водечката руска опозициска личност, која тврди дека властите ги фабрикувале сите обвиненија против него за да го задржат зад решетки што е можно подолго, рече дека веднаш не ја исполнил наредбата да ги стави рацете зад грб кога одел до самицата на 15 август, во која тогаш бил префрлен на три дена поради незакопчано копче на кошулата.
„Со ова темпо, ова (самицата) ќе ми стане постојано живеалиште“, рече 46-годишниот опозиционер, чиј профил на Твитер го следат околу три милиони корисници на социјалната мрежа.
Навални, кој самицата ја опиша како „пеколен плакар“, оцени дека „директивата очигледно доаѓа од Москва“.
„Дури и според руските затворски стандарди, да се испрати некој во самица затоа што не ги држи рацете зад грб само три секунди е премногу“, додаде тој.
Во јуни, Навални беше префрлен во затвор со максимална безбедност во селото Мелехово во Владимирската област, на околу 250 километри источно од Москва.
Тој беше уапсен во јануари 2021 година, откако се врати од Германија, каде што помина пет месеци закрепнувајќи се од труењето со нервен агенс за што го обвинува Кремљ. Додека беше надвор од Русија, беше осуден на две и пол години затвор за наводно кршење на условниот отпуст, а во март годинава на уште девет години за измама и непочитување на судот.