Навални преживува ПЕКОЛ во затвор: „Ме будат навечер и по осум пати“

од Vladimir Zorba
164 прегледи

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални на својата веб-страница во четвртокот објави дека затворските стражари го мачеле, откако не му дозволувале да спие, за што се пожалил до управата на затворот.

„Чуварите не ми дозволуваат да спијам, тоа е де факто форма на тортура“, напиша Навални и додаде дека чуварите на затворот каде што ја издржува казната „го будат ноќе и по осум пати“.

Во писмо до затворската служба и јавниот обвинител, Навални бара медицинска помош. Неговите приврзаници предупредуваат дека неговото здравје од ден на ден се влошува.

Неговата адвокатка, Олга Михајлова, во четвртокот изјави дека страда од „силна болка“ во грбот и десната нога и дека стравува за неговото „здравје и живот“.

Таа потврди дека има направено магнетна резонанца во јавна болница, но дека сè уште не му е поставена дијагноза.

Засега, додаде таа, добива само антиинфламаторни лекови и креми.

Алексеј Навални беше уапсен во јануари веднаш штом се врати во Москва по петмесечно лекување во Германија за труење со „Новичок“, за кое го обвинува Кремљ. Против него се поднесени неколку обвиненија, кои тој ги смета за политички мотивирани.

Во февруари, тој беше осуден на две и пол години затвор за кривично дело измама во 2014 година, по што беше однесен во казнено-поправниот дом во Покрово, на 100 километри од Москва.

Апсењето на Навални предизвика големи протести во Русија, на што властите одговорија со повеќе од 11.000 апсења.

Слични содржини