Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е на списокот на најбарани лица за наводно кршење на условна затворска казна и постои ризик тој да оди во затвор на три и пол-годишна казна, откако ќе се врати во Русија кое го планира за време на викендот, изјави еден од неговите адвокати, Вадим Кобзев.
Навални вчера објави дека планира да се врати во Русија од Германија во недела, на 17 јануари, и покрај ризикот од затвор. Ова ќе биде прво пристигнување на Навални во Русија од август, кога тој беше отруен со агенсот „новичок“ и беше пренесен во Германија во бесознание.
Кремљ негира вмешаност во неговото труење и посочува дека нема докази дека тој бил отруен, па затоа може да се врати во Русија кога сака.
Кобзев истакна дека Навални е ставен на националната листа на најбарани лица затоа што затворската служба го обвинува дека не се пријавил на крајот на минатата година во врска со условната казна за проневера.
Навални посочува дека првичниот случај против него бил лажен и дека тој момент бил на лекување во Германија, поради што не можел да одговори.
Затворската служба посочува дека тој бил пуштен од берлинската болница во септември и дека тогаш требало да се врати и да се пријави.