Украинските пратеници денеска гласаа за девет нови министри, меѓу кои и шефот на дипломатијата и двајца вицепремиери. Тоа е најголемата реконструкција на владата на претседателот Володимир Зеленски од почетокот на руската инвазија во 2022 година.
Андриј Сибиха, искусен, но непознат 49-годишен дипломат, го презема Министерството за надворешни работи од Дмитро Кулеба, кој во последните години е едно од најпрепознатливите лица на украинската влада на Запад.
Ресорното портфолио на Олха Стефанишина се прошири, па освен што го предводи пристапувањето на земјата во Европската унија и НАТО, таа стана и министерка за правда. Во говорот пред пратениците пред нејзината потврда, таа рече дека се потребни „стотици и илјадници“ законски измени за Украина да стане членка на ЕУ.
Поранешниот инженер, 32-годишниот Херман Сметанин е назначен за министер за стратешки индустрии, па тој ќе биде задолжен и за домашното производство на оружје.
Олексиј Кулеба, поранешен заменик-шеф на кабинетот на Зеленски, беше назначен за вицепремиер. Тој ќе биде задолжен за реконструкција, региони и инфраструктура, важен оддел кој ги надгледува потенцијалните огромни парични текови. Назначени се и нови министри за земјоделство, култура, животна средина, бранители и спорт.
Ројтерс пишува дека оваа реконструкција на владата делува како политичко освежување, единственото такво нешто можно за време на воената состојба во која Украина не одржува избори.