НБ: Mонетарната политика соодветна на макроекономските услови ‒ основната камата и натаму изнесува 1,25%

од Vladimir Zorba
296 прегледи

Основната каматна стапка и натаму изнесува 1,25%, а на денешната аукција ќе се понуди непроменет износ од 10 милијарди денари благајнички записи. Со ова, се задржува приспособливиот карактер на монетарната политика на севкупните макроекономски и финансиски услови, што воедно придонесува за натамошна поддршка на кредитните текови во економијата.

Ова беше заклучено на  редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одржана вчера, 14 декември 2021 година, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

Нагорните придвижувања на инфлацијата кај нас, како и во глобални рамки, се должат на глобалните фактори на страната на понудата, коишто според меѓународните финансиски институции се очекува дека би се стабилизирале во текот на идната година. Врз основа на тековната динамика на закрепнување на домашната економија, не се согледуваат притисоци од побарувачката врз ценовниот раст, на што упатуваат и движењата кај базичната инфлација, којашто за разлика од општото ценовно ниво, е поумерена од очекуваната. Воедно, домашната инфлација е во согласност и со ценовните придвижувања забележани во еврозоната. Оттука, засега не се увидува потреба од монетарна реакција, но и натаму има потреба од будно следење.

Во однос на последните макроекономски показатели од домашната економија, во третиот квартал од 2021 година, бруто домашниот производ бележи реален раст од 3% на годишна основа. Овие остварувања упатуваат на тоа дека домашната економија и натаму закрепнува, во услови на натамошна имунизација на населението. Во просек, во првите три квартали на 2021 година, економијата бележи реален раст од 4,6%, што е близу до очекувањата од октомвриската проекција на Народната банка (проектиран раст од 4,2%). Гледано по компоненти, растот во третиот квартал во најголема мера се должи на позитивниот придонес на домашната побарувачка, во услови на раст и позитивен придонес кај сите категории (лична потрошувачка, јавна потрошувачка и бруто-инвестиции). Позитивен придонес има и нето извозната компонента, во услови на посилен раст кај извозот во однос на растот кај увозот. Високофреквентните податоци за четвртиот квартал од 2021 година со кои се располага во моментов се делумни и се недоволни за согледување на состојбите во целина. Имено, податоците за октомври покажуваат натамошен, поумерен, реален годишен раст на прометот во вкупната трговија, но и натамошни неповолни движења кај индустриското производство на годишна основа.

Во периодот јануари ‒ ноември 2021 година, во просек, годишниот раст на цените изнесува 3,1% и е во рамките на очекувањата од октомврискиот циклус проекции (проекција за целата година од 3,1%). Во овој период, позначителен придонес кон растот се забележува од категориите на домашните цени коишто се поврзани со  движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со преносниот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемичната криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки. Годишниот раст на инфлацијата за ноември е малку над очекувањата, но периодот на оцена е кус, додека неизвесноста околу движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и понатаму постои, што упатува на потреба од будно следење. 

Движењата во рамките на монетарниот сектор и натаму се солидни, а според податоците за ноември 2021 година, движењата засега се во рамките на проекциите за последниот квартал на 2021 година, согласно со октомвриската проекција.

Девизните резерви и понатаму се на соодветното ниво и во сигурната зона. На збирна основа, заклучно со ноември, растот на девизните резерви од почетокот на годината е во согласност со есенските проекции. Во октомври 2021 година, трговскиот дефицит е помал од очекуваниот за последниот квартал од годината, додека последните расположливи податоци за менувачкото работење се главно во рамките на очекуваните нето-приливи кај приватните трансфери за четвртиот квартал од 2021 година, според октомвриската проекција.

Во ноември продолжи нагорниот тренд во обемот на тргување на девизниот пазар, што соодветствува со надворешното економско окружување на домашната економија. Побарувачката за девизи беше задоволена од банките, чијашто девизна ликвидност и натаму е на стабилно ниво, за што придонесоа и интервенциите на Народната банка за продажба на девизи.

На меѓународните финансиски пазари преовладуваа информациите за ширењето на новата варијанта на ковид-19 „омикрон”, што предизвика зголемена неизвесност околу идниот глобален економски раст, вработеноста и движењето на цените. Таквите услови, како и очекувањата за зголемена дивергентност на монетарните политики на ФЕД и на ЕЦБ влијаеја врз вредноста на еврото во однос на САД-доларот, цените на најбезбедните државни обврзници во еврозоната се зголемија, а кривата на приноси во САД се израмни.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека засега макроекономските показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од понатамошниот тек на пандемијата предизвикана од ковид-19 и понатаму постојат. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку е потребно.

 

Слични содржини