НБ: Работен состанок со претставници на Централната банка на Италија за размена на искуства против фалсификувањето пари

од Vladimir Zorba
30 прегледи

Во Народната банка се одржа работна средба помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, нејзиниот тим и италијанскиот амбасадор во земјава Паоло Палминтери и високите претставници од Одделот за борба против фалсификување пари на корпусот на Карабинерите, генерал – командант Џанлука Витаглиано и поручник Пиер Луиџи Фери заради размена на искуства и истражни техники против фалсификување пари. На средбата беше заклучено дека Народната банка постојано ги јакне своите капацитети во овој домен следејќи ги европските стандарди. Притоа беше истакнато дека меѓународната соработка е од исклучително значење за справувањето со овие појави и дека соработката помеѓу двете централни банки и натаму ќе се зајакнува преку повеќе форми. Амбасадорот ѝ честиташе на Народната банка за успехот поврзан со пристапувањето кон СЕПА (Единствената област за плаќање во евра).

На работниот состанок на кој присуствуваа и претставници од Министерството за внатрешни работи од Одделот за финансиски криминал, тимот на Дирекцијата за трезорско работење во Народната банка организира презентација во однос на правната регулатива, институционалната поставеност и начинот на функционирање на системот за борба против фалсификувањето пари, како и за заштитните елементи на денарите.

Беше претставена улогата на Народната банка, којашто како единствена овластена институција во земјава, им дава постојана поддршка на вработените во кредитните институции и центрите за готовина преку задолжителни обуки за рачна проверка на автентичноста и соодветноста на парите во оптек и преку специјализирани обуки за полициските и царинските службеници, како и за експертите од останатите институции коишто во рамките на своите надлежности преземаат активности за спречување на и справување со фалсификувањето на пари.

На состанокот беше оценето дека мерките и активностите насочени кон спречување и справување со фалсификувањето имаат суштинско значење за целокупниот интегритет и зајакнувањето на стабилноста на домашната економија и на финансискиот систем во земјата, како и за заштитата на финансиските интереси на останатите земји чии валути циркулираат во нашиот платен промет.

Посетата беше остварена во рамките на проектот „Перикле IV” (2021 − 2027), програма насочена кон финансирање размена на персонал, семинари, обуки и студии за органите за спроведување на законот и судските органи, банките и другите институции вклучени во борбата против фалсификувањето на еврото. Активностите се одвиваат во еврозоната, во земјите на ЕУ надвор од еврозоната и во трети земји.

Слични содржини