НБ: Стабилноста на финансискиот систем е поддршка за економијата

од Vladimir Zorba
193 прегледи

Стабилноста на финансискиот систем е поддршка за економијата, особено во услови на сè поголеми предизвици кои доаѓаат од надворешното окружување. На седницата на Советот на Народната банка беа разгледани последните макроекономски показатели, а беше дискутирано и за најновите случувања во Украина и последиците за економијата коишто можат да произлезат од натамошниот развој на ситуацијата.

На седницата беше констатирано дека треба да се продолжи со внимателно следење на ситуацијата, која се менува од час во час. Со оглед на малата поврзаност на нашата економија со економиите на Русија и Украина, не се очекуваат директни последици, но можни се индиректни. Најновите случувања влијаат особено на глобалните пазари на енергенси и храна, што заедно со сè поголемата неизвесност може да ги влоши изгледите за раст на европската и на светската економија.

Заштитните механизми во нашиот финансиски систем се соодветни и тој ќе продолжи да функционира непречено и да овозможи поддршка на економијата. Руски или украински капитал не е присутен во сопственичката структура на нашите банки, така што од тој аспект нема изложеност врз стабилноста на домашниот банкарски систем. Истовремено, на седницата на Советот беше констатирано дека девизните резерви се во сигурната зона и обезбедуваат доволна девизна ликвидност на домашната економија и стабилност на домашната валута.

На седницата на Советот беа разгледани и други точки поврзани со редовното работење на Народната банка. Советот ги разгледа и ги усвои Финансиските извештаи на Народната банка и Годишната сметка за 2021 година, коишто беа предмет на ревизија на независно друштво за ревизија. Според мислењето на независниот ревизор, Финансиските извештаи ја прикажуваат објективно финансиската состојба на Народната банка, како и резултатите од работењето и паричните текови, во согласност со меѓународните стандарди за финансиско известување.

Слични содржини