Координациското тело за финансиска едукација и финансиска инклузија, со коешто раководи Народната банка, а во коешто членуваат претставници на сите финансиски регулатори – Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), го усвои Кодексот на добри практики за финансиска едукација. Со ова продолжуваат активностите за спроведување на првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, усвоена во јули годинава, соопштија од НБ.
Со оглед на сѐ побројните иницијативи за финансиска едукација, како и растот на бројот на вклучени субјекти од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, се јави потребата од јасно дефинирање на основите и начините за вклучување на овие субјекти и нивна координација и обезбедување ефективни едукативни програми коишто се во интерес на населението.
Кодексот ги утврдува принципите што треба да се применуваат при спроведување на финансиската едукација на населението во земјава, од страна на сите субјекти од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор кои ќе бидат вклучени во овој процес. Во него се наведени посакуваните цели, принципите коишто треба да се применуваат при спроведувањето на активностите за финансиска едукација, опфатот на активностите, добрите практики во однос на содржините и обучувачите за финансиска едукација, како и начинот на информирање на регулаторите и оценување на активностите.
Кодексот се заснова врз најдобрите светски искуства и препораките на ИНФЕ-ОЕЦД и има за цел да овозможи промоција и изведување висококвалитетна и непристрасна финансиска едукација од страна на сите вклучени субјекти. Со него ќе се зајакне координираниот пристап за финансиска едукација, што ќе придонесе за подобри и побрзи резултати на национално ниво.
Во современите услови на динамичен финансиски систем, финансиската едукација станува сѐ попотребна за сите возрасти и за сите социјални слоеви од населението. Од аспект на институциите и субјектите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто можат да придонесат во оваа област, финансиската едукација станува дел од општествената одговорност и значаен аспект во градењето на нивната репутација. Оттаму, координираниот пристап на дејствување ќе придонесе за зголемена ефикасност и ефективност на дејствување.
Финансиските регулатори ги повикуваат сите субјекти од приватниот и граѓанскиот сектор коишто остварувале или се заинтересирани за остварување активности за финансиска едукација да се запознаат со Кодексот, којшто е достапен на следнава врска: https://www.nbrm.mk/kodeks-fin-edu.nspx и да се приклучат кон иницијативата за координиран пристап.