НБРМ во својата честитка: Оваа година нѐ потсети дека нашата најголема вредност се храбрите, посветените и професионалните луѓе

260 прегледи

Зад нас оставаме година во која секојдневно се справувавме со предизвици и на личен и на професионален план. Се соочивме со одамна невидена криза, во која сите ние првенствено моравме да се грижиме за зачувување на здравјето на луѓето, а истовремено да носиме брзи одлуки за поддршка на благосостојбата во овие тешки околности.

Оваа година нѐ потсети дека нашата најголема вредност се храбрите, посветените и професионалните луѓе, без чијашто поддршка е невозможно успешно да се минува низ премрежињата што ги носат кризите. Токму овие вградени вредности, и нам како централна банка, ни го олеснија исполнувањето на целите и успешното справување со сите предизвици во 2020 година.

Во годината што следува, пред сѐ, посакувам сите да ја зачуваме најголемата скапоценост, а тоа е здравјето. Се надевам дека ќе успееме да ја добиеме битката со пандемијата, а дека нашата мисија ќе ја исполнуваме во похумана околина, со помалку виртуелни средби и со поголема социјална комуникација.

Но, доколку времето покаже дека борбата ќе биде подолга, немам сомнение дека сите, мудро и доблесно, ќе ги носиме нашите одлуки. Впрочем, изминатава година покажа дека и во вакви кризи сите умееме да бидеме пожртвувани, храбри, отпорни, иновативни и инспиративни. Да ги понесеме овие вредности со нас и во новата година!

Среќна Нова 2021 година!

Слични содржини