„Народно движење за Македонија ги подржува политичките бомби на СДСМ, но, истовремено бара тие да бидат обелоденувани интегрално.
Имено, од вчерашната бомба јавноста слушна како владини функционери стекнувале луксузни станови, што всушност беше продолжение на една поранешна прес конференција на СДСМ на која беа обелоденети купените станови од повеќе владини функционери со вредност од над милион евра.
Меѓутоа, во интерес на вистината, НДМ сака да ја информира јавноста дека овие станови не се купувани, туку се поклонети на владините функционери од инвеститорот.
Оттука, НДМ бара од СДСМ јавно да го посочи дарежливиот инвеститор кој многу добро до познаваат, и кој е неговиот мотив да поклони цела зграда на атрактивни станови на владините функцинери од ВРМРО-ДПМНЕ.
Од одговорот на ова прашање пак, ќе започне да излегува на површина краденото злато од дарежливиот инвеститор од еден македонски рудник во деведесеттите години на минатиот век како и неговата енормна провизија од четириесетина милиони долари од шверцот на бакар од Србија за Јапонија кој со фиктивни документи се прикажуваше како македонски производ поради тогашното ембарго на Обединетите нации спрема тогашната Сојузна Република Југославија.
НДМ е убедена дека овие прашања заслужуваат одговор, и оттука, го охрабруваме СДСМ јавно да го обелодени дарежливиот инвеститор, со што, на крајот ќе се види како овој инвеститор си ја купи слободата од актуелната власт.
Во краен случај, расчистувањето на овие случаи е од интерес не само за Република Македонија, туку и за СДСМ, бидејќи опозицискиот СДСМ не може да гледа напред во иднината, доколку минатото и понатаму ги прогонува, односно, транзициските бандити во криминалната приватизација и шверцот за време на ембаргото на ОН спрема СРЈ, остануваат неразјаснети“, стои во соопштениеto на НДМ.
