Американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Кина и Индија да престанат да купуваат нафта од Русија и со тоа да помогнат во финансирањето на војната против Украина.
Но, евтината руска нафта им користи на рафинериите во тие земји, а воедно ги задоволуваат нивните енергетски потреби, и тие не покажуваат намера да ја прекинат оваа практика.
Кина, Индија и Турција се најголемите приматели на нафта што порано одеше во ЕУ. Одлуката на ЕУ да бојкотира најголем дел од руската нафта од јануари 2023 година доведе до масовно поместување на протокот на сурова нафта од Европа кон Азија.
Оттогаш, Кина е најголемиот купувач на руска енергија од бојкотот на ЕУ, со нафта, гас и јаглен во вредност од околу 219,5 милијарди долари, по што следуваат Индија со 133,4 милијарди долари и Турција со 90,3 милијарди долари. Пред војната, Индија увезуваше релативно малку руска нафта.
Унгарија увезува дел од руската нафта преку цевководи. Унгарија е членка на ЕУ, но нејзиниот претседател, Виктор Орбан, ги критикуваше санкциите против Русија.
Киевското училиште за економија вели дека Русија заработила 12,6 милијарди долари од продажба на нафта во јуни. Русија продолжува да заработува значителни суми дури и кога Групата од седум водечки индустријализирани земји се обидува да го ограничи рускиот приход со воведување ограничувања на цените на нафтата.
Според податоците на киевскиот институт, се предвидува дека руските извозници на нафта ќе генерираат приход од 153 милијарди долари оваа година.