Кога Беверли Морис заминала во пензија во 2016 година, мислела дека го нашла домот од соништата во рурален предел на американската сојузна држава Џорџија, окружена со дрвја и тишина. Но денеска не е така, известува Би-Би-Си.
Само на околу 370 метри од нејзината веранда во округот Фајет има голем објект без прозорци во кој има сервери, кабли и трепкачки светла. Тоа е серверска фарма, една од многуте што никнуваат низ понеурбанизираниот дел на САД, но и низ светот, овозможувајќи го дигиталното време – од онлајн банкарство до алатки на вештачката интелигенција, како ЧатГПТ.
„Не можам да живеам во мојот дом во кој само половината функционира и нема вода… Не можам да ја пијам водата“, вели таа.

Фото: Би-Би-Си
Морис е убедена дека серверската фарма во сопственост на „Мета“ (компанијата-мајка на Фејсбук и Инстаграм) го загрозила нејзиниот бунар, предизвикувајќи преголемо таложење седименти. Морис сега носи води во кофи за да може да ја користи тоалетната школка.
Вели дека морала да интервенира на водоводната и канализациската инсталација во кујната за да се врати потребниот притисок на водата. Сепак, водата што тече од чешмата уште има талог.
„Страв ми е да ја пијам водата, но сепак готвам со неа, си ги мијам забите со неа… Дали сум загрижена? Да“, вели таа за Би-Би-Си.
„Мета“ вели дека двете нешта не се поврзани. Во изјавата за британската радиодифузна куќа, се вели дека им е приоритет „да се биде добар сосед“. Компанијата нарачала анализа од независно тело за водата на теренот. Според извештајот, функционирањето на серверската фарма „не влијаело негативно на состојбите со водата во почвата во областа“.
Но иако Мета спори дека предизвикала проблеми со водата на Морис, за неа е повеќе од јасно дека компанијата повеќе не е добредојден сосед.
„Ова беше моето совршено место. Но повеќе не е“, вели Морис.
Луѓето мислат за „облакот“ како нешто невидливо – нешто што лебди во дигиталниот воздух. Но неговата реалност е многу опиплива. „Облакот“ живее во повеќе од 10 000 серверски фарми низ светот, од кои најголем дел се во САД, а потоа во ОК и Германија.

Фото: Би-Би-Си
Бидејќи сега вештачката интелигенција (ВИ) предизвикува скок на онлајн-активностите, бројката на серверски фарми брзо расте. А со нив расте и бројот на поплаките од соседите.
Порастот во САД на серверските фарми е загрозен од порастот на локалниот активизам – проекти тешки 64 милијарди американски долари се паузирани или блокирани во САД, вели групацијата Data Center Watch.
Загриженоста не е насочена само кон градењето, туку и кон користењето на водата. Ладењето на серверите бара многу вода.
„Станува збор за многу жешки процесори. Потребно е многу вода за да се изладат“, објасни Марк Милс од Националниот центар за енергетски анализи во сведочењето во Конгресот во април.
Многу серверски фарми користат испарувачки разладни системи, во кои водата ја презема топлината и испарува – слично на потењето како разладување кај луѓето. Во жешки денови, една серверска фарма може да потроши многу милиони литри вода. Односно, според една студија, серверските фарми за вештачка интелигенција низ целиот свет во 2027 би „испиле“ 6,63 билиони литри вода.
На многу малку други места тоа може да се согледа како во Џорџија, која е еден од најбрзо растечките пазари за серверски фарми во САД. Влажната клима во оваа сојузна држава овозможува природен и евтин извор на вода за ладење на серверските фарми, правејќи ја атрактивна за компаниите. Но изобилството сепак има цена.
Гордон Роџерс е извршен директор на Flint Riverkeeper, непрофитна активистичка организација што ја следи состојбата на реката Флинт во Џорџија. Тој, заедно со волонтерот Џорџ Дајетс, на екипата на Би-Би-Си им покажал какви се последиците од изградбата на серверската фарма на американската компанија Quality Technology Services (QTS). Нацрпената вода во прозирна пластична кеса е матна и кафеникава.
„Не смее да има таква боја“, вели тој. За него оваа ситуација значи дека во водата навлегле седименти, и многу можно – и флокуланти. Тоа се хемикалии што се користат во градежништвото за да се зацврсне тлото и да се спречи ерозија. Но ако се пробијат во водниот систем, создаваат талог.

Фото: BBC
QTS вели дека нејзините серверски фарми ги задоволуваат строгите еколошки стандарди и носат милиони во форма на локални даноци.
Иако изградбата честопати ја вршат трети фирми, локалните жители се тие што мора да живеат со последиците.
„Не би смееле да го прават тоа. Голем богат сопственик нема повеќе сопственички права од помал, помалку богат сопственик“, вели Роџерс.
Технолошките гиганти велат дека се свесни за проблемите и преземаат мерки.
„Нашата цел е до 2030 година да враќаме повеќе вода во водните капацитети и заедниците каде работат нашите серверски фарми отколку што земаме“, вели за Би-Би-Си, Вил Хјуз од Амазон Веб Сервисис, компанија која има најголем број серверски фарми во светот. Хјуз вели дека Амазон Веб Сервисис инвестира во проекти како решавање на истекувањата од цевките, собирање дождовница и користење на преработена отпадна вода за ладење.
Во Јужноафриканската Република и Индија – каде Амазон Веб Сервисис не користи вода за ладење – сепак инвестира во обезбедување пристап до вода и иницијативи за квалитет на водата. На американскиот континент, според Хјуз, водата се користи само во 10% од најжешките денови.
Сепак, малку по малку, ама се собира. Едно обично прашање упатено до ВИ може да потроши вода колку едно мало шишенце (половина литар). Помножете го тоа со милијардите барања секој ден и состојбата станува застрашувачки јасна.
Серверските фарми сега се повеќе од индустриски тренд – тие се дел од националната политика. Претседателот на САД Доналд Трамп неодамна вети изградба на најголемиот инфраструктурен проект за вештачка интелигенција во иднината, нарекувајќи го тоа „иднина напојувана од американски податоци“.
Но во Џорџија, под сончевите зраци на влажниот воздус, иднината е веќе пристигната. И таа е гласна, жедна и понекогаш неподнослива ако ти е во близина. Како што разраснува ВИ, предизвикот е јасна: Како да се напојува дигиталниот свет на иднината без исцицување на основниот ресурс – водата? пишува Би-Би-СИ.