Во март минатата година беше откриено дека познатиот актер Брус Вилис боледува од деменција, а неговото семејство неодамна објави дека болеста напредувала и дека неговата состојба се влошува.
Неговата поранешна сопруга Деми Мур има одлични односи со него и неговата сопруга Ема, а како што изјави извор за странските медиуми, актерот подобро го препознава гласот на поранешната сопруга од другите членови на неговото семејство, а таа е во секојдневен контакт со него.
„Деми е во постојан контакт со Брус и Ема. Таа ја користи секоја слободна можност да помине време со него. Ако не е со него, му се јавува за Брус да ѝ го слушне гласот. Брус не може многу да зборува и се чини дека многу малку разбира од тоа што му се кажува“, изјави извор за „Радар онлајн“.
Извор близок до актерот додаде дека Брус со нетрпение го чека доаѓањето на своето прво внуче.
„Семејството го цени секој момент. Тој сака неговото внуче да има среќен спомен на дедо му кој бил присутен и активен во неговиот или нејзиниот живот. Тој е цврсто убеден дека ќе го даде најдоброто од себе на бебето. Има денови кога го гледаат стариот Брус, но се кратки. Се чини дека сè повеќе им се измолкнува и им ги крши срцата. Беше болно да се гледа како пропаѓа. На постарите ќерки им недостасува стариот Брус – оној кој ги задеваше за нивните момчиња и им даваше духовити совети“, заклучил изворот за споменатиот медиум.