Селин Дион со години се бори со здравствен проблем кој и го промени животот и значително и се одрази на кариерата. Сестрата на познатата пејачка, Клодет, искрено проговори за медиумите за проблемот со кој се соочува Дион, а откри и нови детали за здравствената состојба на пејачката која се бори со СВЛ (Stiff Person Syndrome).
Пејачката веќе официјално ја откажа турнејата, а времето го поминува со семејството, но и со специјалисти кои се обидуваат да и ја олеснат здравствената состојба.
Сестра ѝ е постојано со неа, но како што истакнала за „Le Journal de Montreal“, загриженоста е сепак огромна, бидејќи сепак „никој не ја гледа светлината на крајот од тунелот“.
„Не можеме да најдеме ништо што ќе успее. Но, надежта е важна“, изјавила Клодет за споменатиот медиум, пренесува „24 седам“ и истакнала дека членовите на семејството на славната пејачка не губат надеж, колку и да им е тешко.
„Верувам дека и треба одмор. Од сè. Кога настапува секогаш дава 150 проценти од себе, се труди да го даде најдоброто, да биде најдобра… Во еден момент срцето и телото ти кажуваат дека им треба пауза и треба да ги слушаш, а таа е многу дисциплинирана“.
Да потсетиме дека пејачката, која моментално има 55 години, претходно ги одложи планираните настапи откако во декември јавно изјави дека и е дијагностицирано нарушување познато како синдром на вкочанета личност.
Оваа болест се карактеризира со чести мускулни грчеви, а „напаѓа“ еден од милион пациенти. Со текот на времето, заболените почнуваат да имаат потешкотии во движењето, ја губат и моќта на говорот, а синдромот е најпознат по тоа што „оние кои страдаат од него ги претвора во човечки статуи“.
Сè уште не е откриен лек за оваа болест, а третмани кои можат само да помогнат во забавување на прогресијата на болеста.