Не смее да го напушти Израел до 9999 година поради поранешната сопруга

од Nikola Popovski
226 прегледи

Австралиецот Ноам Хуперт е „заробен“ во Израел од 2013 година поради неплаќање алиментација на неговата поранешна сопруга, Израелка. Доколку не го плати долгот кој сега изнесува над три милиони долари, му е забрането да ја напушти државата уште 8.000 години, поточно до 31 декември 9.999 година. Хаперт вели дека тој не е ниту единствениот Австралиец во Израел во таква ситуација, ниту единствениот странец.

Ноам Хуперт, 44-годишен австралиски хемичар, нема да може да го напушти Израел уште 8.000 години или додека не и плати на поранешната сопруга долг од над три милиони долари поради неплатена алиментација, пренесува „news.com.au“.

Неговата поранешна сопруга, Израелка, се вратила во својата земја во 2011 година со нивните две деца. Тој ѝ се придружил следната година, а израелскиот семеен суд му одредил забрана за патување во 2013 година, откако неговата тогашна сопруга поднела барање за развод.

„Јас сум заробен во Израел од 2013 година“, изјави Хаперт за „news.com.au“, нагласувајќи дека осум години не можел да ја напушти земјата ниту за работа, ниту поради одмор.

Тој вели дека е само еден од илјадниците странски државјани кои на сличен начин биле „прогонувани од израелското правосудство „само затоа што биле во брак со Израелки“ и дека сега јавно ги објавува овие информации со надеж дека ќе им помогне на другите.

Британската независна новинарка Маријана Азизи, која со години се обидува да води кампања за подигање на свеста за ова, шпекулира дека стотици Австралијци се во иста ситуација, но вели дека точната бројка е „речиси невозможно да се утврди“.

Најблискиот извор до кој успеала да дојде, лице од британската амбасада, ѝ рекол дека месечно добивале околу 100 барања за информации.

Стејт департментот на САД вклучува предупредување до израелските посетители во Израел дека израелските граѓански и верски судови „активно ги користат своите овластувања за да забранат одредени поединци, вклучително и странски државјани, да ја напуштат земјата додека не се решат долговите или другите правни барања против нив“.

„Израелските верски судови имаат јурисдикција над сите граѓани и жители на Израел во случаи на брак, развод, старателство над деца и издршка на дете“, ги предупредуваат Американците своите граѓани.

Според „Гардијан“, сè уште не е целосно јасно дали Хуперт веќе платил дел од долгот или ќе мора однапред да ја плати целата сума за да ја напушти земјата – износот добиен со наплата од речиси 1.500 евра по дете за секој месец од нивното раѓање до полнолетство. Што се однесува до одлуката да му се забрани патување до 9999 година, Гардијан објаснува дека „изгледа дека 9999 година е произволно избрана бидејќи тоа бил највисокиот можен датум што го дозволувал дигиталниот систем“.

Фото: MARC ISRAEL SELLEM/THE JERUSALEM POST