„Не сум дезертер“: Ангелов најавува детална истрага за премрзнатиот овчар од Емирица

од Берта Китинска
453 прегледи

Се најавуваат дисциплински постапки и детална истрага во врска со премрзнатиот овчар од кратовското село Емирица, кој ја загуби битката за живот.

Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов, кој не размислува да даде оставка вели: „Не сум дезертер“ и најавува дека ќе се утврди каде е вината за случајот во Кратовско.

„За да не ни се случуваат вакви работи, ЦУК веќе неколку месеци работи на имплементација на повикувачкиот европски број 112, на кој на едно место граѓаните ќе можат да се јават и да пријават безбедносен или здравствен проблем. Овој процес е во тек, предходно беше закочен, и јас сум оптимист дека во текот на јуни овој број ќе стане функционален“, додаде Ангелов.

И од Владата велат дека ќе се бара одговорност за овој случај. Во меѓувреме Владата не се откажува од итниот хеликоптерски тим за пребарување и спасување. Владиниот портпарол Мухамед Хоџа рече дека по завршување на пандемијата со КОВИД-19 Владата повторно ќе распише јавен оглас за воспоставување на хеликоптерски итен медицински систем, зашто првичниот договор  бил раскинат.

Според сведоштвото на лекарот Зафиров, кој со медицинска екипа и роднини на починатиот 5 часа го носеле на раце и во имровизирана носилка низ непристапен и завеан терен за да го однесат во болницата во Штип, кога се јавил за помош од надлежните институции добил одговор дека Центарот за управување со кризи не бил надлежен, противпожарната единица не можела, а од Општина Кратово и на личниот број на градоначалникот не им одговориле на повиците.

Слични содржини