Во пресрет на Денот на независноста на Македонија и почетокот на 80-то Генерално собрание на ОН, „Сите за Палестина“ ја повикува јавноста да се собере и да покаже солидарност со палестинскиот народ и стоп за македонскиот молк пред геноцидот во Газа. На 8ми септември во 18:00 часот иницијативата ја повикува јавноста на солидарна палестинска кујна, каде ќе се служи домашно готвена палестинска храна во старата чаршија, а на 9ти септември во 18:00 часот иницијативата повикува на протест пред Министерството за надворешни работи, во пресрет на македонското учество во генералното собрание на Обединетите Нации. Иницијативата во рамките на овие протестни настани ја повикува јавноста да се потпише на петиција каде ќе се бара владата и меѓународните претставници на Македонија да гласаат со поддршка на Палестина во текот на ова собрание.
Од иницијативата потсетуваат дека Македонија, во рамките на Југославија беше меѓу првите држави што ја признаа Палестина и во 1985 година го именуваат Луан Старова како амбасадор на СФРЈ во Палестинската држава.
-Што може и што мора да направи Македонија за Палестина? Да ја потврди својата поддршка за правото на самоопределување на палестинскиот народ. Да гласа во корист на Палестина на сите идни сесии на ОН, вклучително и во прашањата за полноправно членство и хуманитарна помош. Да усвои официјална позиција со која ќе се осуди геноцидот во Газа.
Да воведе пакет санкции против Израел, имено според Државниот завод за статистика, во периодот 2021–2023 година Македонија извезла во Израел стоки во вредност од 23,5 милиони евра, додека увозот достигнал 43,1 милиони евра – со јасен трговски дефицит на сметка на македонската економија. Најголемиот дел од увозот е рафинирано гориво и хемиски производи, додека македонскиот извоз се сведува на прехранбени производи и лесна индустрија. Прекинот на оваа трговија нема да ја загрози домашната економија, туку ќе го намали непотребното трошење македонски пари за поддршка на воени злосторства. Да се прекине академската соработка со израелски институции, вклучително и меморандумот со Универзитетот „Бен
Гурион“.
Македонската влада не ги застапува интересите на народот кој живее на својата територија, а воедно и вредностите со кои се кити на меѓународната
сцена. Соработката со Израел и со САД во оваа смисла допринесуваат само за тесните интереси на неколкумина, додека народот во Македонија секогаш ја вреднувал солидарноста, хуманитарноста и мирот. Затоа, на 9 септември, излезете на улица и приклучете се кон протестот, порачаа од „Сите за Палестина“.