Квалитетниот сон е клучен фактор за одржување на здравјето и виталноста. Без него, нашето тело и ум стануваат поранливи, што на подолг рок може да доведе до сериозни тегоби и нарушувања.
За време на спиењето, телото се обновува и произведува клетки кои ја зајакнуваат одбраната од болести. Недостатокот или лошиот квалитет на сон го ослабува имунолошкиот систем, што го зголемува ризикот од инфекции. Поради тоа, личноста може почесто да се разболува, а закрепнувањето да трае подолго. Недостигот на сон директно влијае на способноста на телото да се избори со вируси, бактерии и други закани од околината.
Хроничната ненаспаност не само што го исцрпува организмот, туку го зголемува и ризикот од низа сериозни заболувања. Меѓу нив се дијабетес, кардиоваскуларни болести и дебелина. Недостатокот на сон ја нарушува хормоналната рамнотежа во телото и го зголемува нивото на стрес, што дополнително го оптоварува срцето, крвните садови и другите витални функции.
Лошиот сон остава последици и на психолошко ниво. Веќе по една непроспиена ноќ може да се почувствува раздразливост, пад на концентрацијата и емоционална нестабилност.
Кога тоа ќе стане секојдневие, се зголемува ризикот од анксиозност, депресија и други психички нарушувања. Недостигот на одмор го отежнува секојдневното функционирање, ја намалува работната ефикасност и негативно влијае врз односите со другите.