Неидентификувани беспилотни летала се забележани над чувствителни индустриски локации и американската воздухопловна база Рамштајн во Германија во последните неколку недели, објави денеска германски „Шпигел“, повикувајќи се на доверлив извештај на германските безбедносни власти.
Во извештајот се вели дека повеќе беспилотни летала биле забележани во вечерните часови на 3 и 4 декември над Рамштајн, рече изворот.
Се истакнува дека беспилотни летала се забележани и над локациите на германскиот производител на оружје Рајнметал и хемиската компанија БАСФ.
Се наведува дека потеклото на беспилотните летала е непознато, јави Ројтерс.
Воздухопловната база Рамштајн се наоѓа во југозападна Германија и се користи како седиште на американските воздухопловни сили во Европа и воздушни команди на земјите членки на НАТО.
Претходно во ноември, неидентификувани беспилотни летала беа забележани над три воздушни бази во Обединетото Кралство што ги користи американската војска, потврдија американските воздушни сили (USAF).
Инцидентите, кои се случија помеѓу 20 и 22 ноември, забележаа „мали воздушни системи без екипаж“ над британските воздушни бази во Сафолк и Норфолк.
УСАФ, која управува со базите, рече дека во оваа фаза не е јасно дали беспилотните летала биле непријателски.
Оттаму, исто така, одбија да коментираат дали биле користени механизми за одбрана, но рече дека го задржува „правото да ги заштити“ локациите.