Неизвесна ноќ во Киев: Колони возила бегаат од градот, оние што остануваат стравуваат од руска инвазија

од Vladimir Zorba
161 прегледи

Голем број Украинци беа принудени да го напуштат Киев и да заминат на запад, откако рускиот претседател Владимир Путин одлучи за специјална воена операција во Донбас. Слики од бескрајни колони возила кои стојат пристигнуваат од главниот град на Украина, но и од други градови. Главните градски улици се преполни, а ситуацијата не е ништо подобра како што се ближи крајот на денот.

„Гардијан“ известува и дека главната железничка станица е полна со луѓе кои се обидуваат да побегнат од градот. На видеата се гледаа колони возила како го напуштаат градот, а утрово за прв пат во Киев се огласија сирените од воздушниот напад.

Нервозата кај жителите се зголемила додека авионите го надлетувале градот, а се појавиле информации дека бил нападнат аеродром во близина на градот.

Некои жители решија да останат. Тие чекаа во долги редици пред банките и продавниците за да соберат пари и да купат нешто. Други ги спакуваа куферите и бараа излез од градот, со автобус, автомобил или авион.

На главниот пат кој води кон Л`вов дошло до сообраќаен колапс и колона возила од околу десет километри.

„Заминувам затоа што војната почна, Путин не нападна“, изјави Оксана, која се најде во колоната возила со својата тригодишна ќерка.

Таа рече дека само сака да го напушти Киев, град со три милиони луѓе. Потоа ќе одлучи каде да оди. Друг возач, кој се претставил како Александар од Л`вов, рекол дека ќе се врати во Киев кога ќе ги однесе децата.

„Постои патриотско расположение. Ќе го одбиеме овој напад. Украина ќе победи, без разлика на се“, рече тој.

На граничниот премин Лужанка со Унгарија во западна Украина, стотина автомобили чекаа во ред кој беше повеќе од два километри од границата, пишува Шон Вокер.

Некои ја преминаа границата пеш, носејќи куфери и торби полни со работи. Многумина беа Украинци од унгарското малцинство кои живеат во западниот дел на земјата и рекоа дека патуваат да останат кај роднините неколку дена со надеж дека опасноста ќе помине.

Други дојдоа од други делови на Украина и планираат да заминат во Западна Европа.

„Луѓето што имаат пари си заминуваат“, вели еден од цариниците.

Тој рече дека до 16 часот границата ја минале над 1.500 луѓе, додека обично тоа го прават само неколку стотици.

Европската унија е подготвена да прифати неограничен број бегалци од Украина и да ја обезбеди потребната хуманитарна помош, како и макрофинансиска помош во износ од повеќе од една милијарда евра, соопшти денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен.

Таа на брифинг во Брисел рече дека ЕУ е подготвена да обезбеди азил на сите бегалци и веднаш да ја обезбеди сета потребна хуманитарна помош, пренесе „Интерфакс Украина“.

Претседателката на Европската комисија рече дека не знае колку бегалци ќе има, но дека ЕУ е целосно подготвена да ги прифати.

Русија денеска започна, како што наведе, „специјална воена операција за одбрана на народот во Донбас“, а Украина прогласи воена состојба.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно најави дека вториот пакет санкции што ќе ги воведе Европската унија тешко ќе ја погоди руската економија и порача дека стабилноста на Европа е доведена во прашање.

Фон дер Лајен изјави дека овој пакет санкции ќе доведе до зголемување на одливот на капитал и инфлација, а руската индустриска база постепено ќе биде уништена, пренесе Ројтерс.

„Овие санкции ќе го потиснат економскиот раст на Русија, ќе ги зголемат трошоците за задолжување, ќе ја зголемат инфлацијата, ќе го интензивираат одливот на капитал и постепено ќе ја уништат нејзината индустриска база“, изјави таа за новинарите во Брисел.

Фон дер Лајен рече дека ЕУ има за цел да го ограничи пристапот на Русија до клучната технологија.

„Нашите мерки ќе ја ослабат технолошката позиција на Русија во клучните области каде што елитата најмногу ги заработува своите пари – таа се протега од високотехнолошки компоненти до најсовремен софтвер“, рече фон дер Лејен.

Слични содржини