Неизвесно одржувањето на седницата на СБ за НАТО бомбардирањето на СРЈ

„Постојат најави од некои западни земји кои порачуваат да не доаѓаме без потреба зашто седница најверојатно нема да има,“ изјави претходно Дачиќ.

од Бети Божиноска
734 прегледи

Одржувањето на седницата на Советот за Безбедност на ОН по повод 25 годишнина од НАТО бомбардирањето на СР Југославија која беше закажана за денеска на иницијатива на Русија е се уште неизвесно, пишуваат срспките медиуми.

Седницата е закажана во 15 часот по њујоршко време, но за нејзиното одрѓување же се одлучува непосредно пред закажаниот термин. На веб-страницата на СБ е наведено дека во 15 часот има седница и дека прва точка е усвојување на дневниот ред, а втора се заканите по меѓународниот мир и  безбедноста.

По тој повод во Њујорк отпатуваа шефот на српската дипломатија и прв вицепремиер, Ивица Дачиќ, а на седницата би требало да присуствуваат и постојаниот претставник на Србија во ОН, амбасадорот Немања Стевановиќ, и амбасадорот во Вашингтон, Марко Ѓуриќ.

Дачиќ претходно изјави дека Србија е подготвена за седницата без оглед на пораките од некои западни земји.

„Постојат најави од некои западни земји кои порачуваат да не доаѓаме без потреба зашто седница најверојатно нема да има. Тоа значи дека би можеле да гласаат за процедурата,“ изјави претходно Дачиќ.

Според шефот на српската дипломатија, Србија не оди на седницата „да биде арбитер во однос на големите сили“ туку да зборува за проблемите, бомбардирањето и агресијата со која е урнат системот на Обединетите Нации.

Дачиќ тогаш рече и дека не верува оти на државите кои го извршија бомбардирањето ќе им проработи грижата на совеста или дека ќе речат оти згрешиле, но дека е подеднакво важно да се слушне „нашата вистина за сето тоа“.

Воздушните напади на НАТО врз СРЈ, извршени без одобрување на Советот за безбедност на ОН, траеја од 24 март до 10 јуни 1999 година. Во бомбардирањето загинаа повеќе од 2500 луѓе, од кои 87 деца, а беше причинета штета во вредност од сто милијарди долари.

 

Слични содржини