Некои луѓе не сакаат пиво, а ова се причините за тоа

од Elena Daskalova
361 прегледи

Пивото е еден од најомилените алкохолни пијалаци, најпрво поради нискиот процент на алкохол во него, а потоа и поради освежувачкиот вкус, кој може да се комбинира со многу видови храна и мезиња.

Но, што ако баш и не го сакате и не сте воодушевени од неговиот вкус?

Иако големи се шансите да сте единствени во друштвото кои го мразат пивото, на глобално ниво, всушност, има уште многу луѓе кои се исти како вас. На некои тоа им е несфатливо, а кога следниот пат ќе добиете забелешка затоа што сте одбиле полна чаша со студено пиво, вадете се на гените.

Навистина, токму гените влијаат вашиот мозок да не ги процесира како вкусни ладниот пијалак и горчливиот газиран вкус. Сето ова има еволуциска позадина, кога мозокот и сетилата помагале нашите прапредци да стојат подалеку од потенцијално опасната храна. Ваквиот рефлекс кај некои исчезнал со текот на времето, но кај мал број луѓе останал и до денеска.

Што се случува во мозокот на оние кои не сакаат пиво?

Како што се сеќавате од часовите по биологија, јазикот разликува четири основни вкусови (солено, слатко, кисело и горчливо), како и петтиот неодамна дефиниран вкус наречен умами, кој најблиску може да се опише како киселкасто-солен вкус со дискретна блажина.

Кога рецепторите на јазикот ќе регистрираат одреден вкус, тие испраќаат сигнал до мозокот преку нервите. Во човечкото тело постојат 25 рецептори за горчлив вкус, додека пак, на пример, за солен, постојат два. Поради самиот состав на пивото, се активираат најмалку три од тие 25 рецептори и сигнализираат силно горчлив вкус кога ќе се напиете голтка пиво.

Што ги прави горчливите вкусови тешки за проголтување?

Нареден пат кога вашето друштво ќе се обиде да ве критикува што одбивате пиво, можете слободно да им кажете дека кај вас останал еволуцискиот инстинкт да идентификувате потенцијално отровна храна.

Горчливиот вкус во текот на еволуциските етапи останал како признак за неисправна и отровна храна, па поради тоа нашите предци избегнувале горчлива храна. Во денешно време ова не значи дека пивото или кафето без шеќер можат да ве отрујат, туку дека во вас останал ген на некој далечен роднина, поради кој вашиот дигестивен систем, едноставно, не може да го „свари“ тој вкус.

Исто така, со оглед на големиот број рецептори за горчлив вкус, сосема е во ред во одредени степени тој да не ви се допаѓа. Кога е пивото во прашање, тогаш голема улога играат и рецепторите за ладно (оние поради кои ментолот го чувствуваме како ладен вкус, а чилито како жежок). Дури и кај оваа чувствителност, кога пиете ладно пиво, може да се случи мозокот да перцепира некаква опасност.

Слични содржини