Руските власти започнаа во средата со уништување на европски и американски прехранбени производи што спаѓаат под руското ембарго. Тоа се случува согласно издадениот минатата недела декрет на Кремљ и покрај незадоволството меѓу општеството и истакнати личности од сите политички сили, пренесе Франс прес.
Петиција потпишана од над 259 000 луѓе на сајтот Change.org инсистира запленетата храна да биде дистрибуирана на ветерани, инвалиди, големи семејства и погодени од природни катастрофи. Како одговор прес секретарот на претседателот Дмитриј Песков потсети дека декретот на Путин е задолжителен за извршување.
Минатата среда шефот на Росселхознадзор Сергеј Данкверт најави уништување на неколку стотици тони производи под ембарго.
Веќе една година Русија го забранува увозот на повеќето прехранбени производи од земји кои воведоа санкции против Москва поради нејзината улога во украинската криза. Ембаргото влијае претежно на европскиот земјоделски сектор.
Досега овие производи едноставно беа враќани назад од царината. Сега тие ќе бидат уништувани, без разлика дали се запленети на границата или во продавниците.
Руската санитарна служба Росселхознадзор објави во средата наутро, дека се запленети 73 тони праски и нектарини во Смоленската област во близина на границата со Белорусија, кои биле пренесувани со лажен турски сертификат.
Портпаролката на Росселхознадзор за Брјанска и Смоленска област Светлана Земченкова соопшти за ТАСС дека овој товар ќе биде уништен, пренесоа агенциите. Три шлепери праски од странство ќе бидат уништени во Брјанска област на полигон за чување на отпадот.
Околу 40 тони европски домати со европско потекло ќе бидат уништени во Смоленска област.
Според РИА Новости еден од возачите,кој превезувал 1,5 тони домати без сертификат, контролирани на белоруската граница, го завртел камионот и се вратил назад.
Портпаролката на Росселхознадзор Јулија Мелани изјави за ТАСС дека во Белгород започнало уништувањето на 10 тони сирење со необјаснето потекло, пристигнато од Украина.
Како демонстрација за цврстата решеност на властите да пристапат во акција, уште во вторникот во Самара беа уништени 114 тони европски свинско месо, забележува АФП.
Од 6 август запленетите производи ќе бидат уништувани секојдневно, изјави заменик директорот на Росселхознадзор Алексеј Алексеенко. Тој нагласи дека тоа не е поединечна кампања, туку сериозна работа, која ќе се одржува доволно долго пренесе “Ведомости”.
Тој прецизира дека забранетите за увоз производи ќе бидат уништувани во регионите, лоцирани на западните и источните граници на Русија, како и “секаде каде има шверц”.
Алексеенко изјави дека е невозможно да се каже колкав обем производи ќе бидат уништени. “Никој не може да планира обем, тоа е шверц. Она што ќе го фатиме, тоа и ќе го уништиме”, додаде тој.
