Годишната конвенција на американските лобисти за оружје (НРА) започнува во петок во Тексас, неколку дена откако 19 деца и 2 наставници беа убиени во основното училиште во Увалде (Тексас), а на конвенцијата ќе се обрати поранешниот претседател Доналд Трамп.
Конвенцијата на НРА започнува во Хјустон, каде републиканците, вклучително и американскиот сенатор Тед Круз од Тексас и Трамп, ќе се обратат на групата која се бори за правата на носење оружје.
Неодамнешните престрелки низ целата земја повторно ја разгореа дебатата за законите за оружје во САД. Масакрот во Увалде се случи само 10 дена откако самопрогласен бел расист застрела 13 луѓе во супермаркет во населба во која претежно живее население со темна боја на кожа во Бафало, Њујорк.
Претседателот Џо Бајден и неговите колеги демократи ветија дека ќе извршат притисок за нови ограничувања за користење на оружје, и покрај отпорот на републиканците.
Но, малку е веројатно дека Конгресот ќе одобри построги закони за оружје, бидејќи сите републиканци се противат, наведувајќи го правото да носат оружје од Уставот на САД.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, кој се надева на реизбор во ноември, смета дека построгите закони за оружјето не го спречуваат насилството. Пратениците, смета тој, треба да се фокусираат на превенција и третман на менталното здравје.
Потврдувајќи го своето учество на собирот на НРА во средата, Трамп рече дека на САД им требаат „вистински решенија и вистинско лидерство во овој период, а не политичари и пристрасни размислувања“.
Тој му вети на американскиот народ „важен говор“.
Годишниот собир се одржува во време кога полицијата е на удар на бран критики затоа што наводно ѝ требало премногу долго за да интервенира во училиштето во Увалде.
Според многубројните сведоштва, родителите цела вечност чекале пред училиштето да интервенира полицијата, додека вооружениот осумнаесет годишен Салвадор Рамос убивал деца и наставници во училницата.