Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, изјави дека македонските власти немаат официјални информации за градежните активности кај изворите на Дрилон, на албанската страна од Охридското Езеро. Таа изрази потребата од комуникација и информирање меѓу двата дела за секоја активност во Охридскиот регион и ја истакна важноста на одговорност при работата на терен.
– Не треба да си дозволиме натаму да одиме со нови објекти кои ќе го загрозуваат Охридското Езеро, а основа на сето тоа треба да биде комуникација. Бидејќи албанската страна не не информираше, ние ќе комуницираме за да видиме кои се плановите… Какви било активности можат да се реализираат само согласно препораките на УНЕСКО, рече Шукова.
Шукова изјави дека Република Северна Македонија не дозволува градежни активности на својата страна на езерото и нема да даде одобрение за оние што се случуваат на албанската страна. Таа изрази увереност дека УНЕСКО ќе реагира соодветно ако препораките и стандардите за заштита на крајбрежниот појас на езерото бидат прекршени.
Еколошките активисти и од албанската и од македонската страна изразија загриженост за градежните активности кај Тушемиште, во албанскиот дел од крајбрежјето на Охридското Езеро. Механизација беше забележана во езерото и беше изведена бетонизација иако претставници на Рамсарската, Бернската конвенција и на УНЕСКО беа присутни за да ги проверат препораките за заштита на регионот како светско природно наследство.